Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска е хоспитализиран во Вашингтон на првиот ден од планираната 12-дневна посета на САД, соопшти Грчката православна архиепископија во Америка.
Архиепископијата објави дека патријархот Вартоломеј се подготвувал да оди на богослужба во црквата Света Софија во Вашингтон кога се разболел „поради долгиот лет и густиот распоред на обврски што ги имал по пристигнувањето“.
Неговиот лекар го советувал да мирува и превентивно бил пренесен на преглед во Универзитетската болница Џорџ Вашингтон“, се наведува во соопштението.
81-годишниот Бартоломеј требаше да се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден во понеделник.
Покрај закажаните состаноци со највисоките американски претставници, Вартоломеј треба свечено да ги „отвори вратите“ на Грчката православна црква и националниот храм Свети Никола во Њујорк, кој беше изграден наместо парохиската црква уништена на 11 септември 2001 година во нападот на Светскиот трговски центар.
Тој првично требаше да ги посети САД во мај 2020 година на покана на тогашниот државен секретар Мајк Помпео, но неговото патување беше одложено поради пандемијата на Ковид-19.
Фото: SPC