Наследникот на тронот и де факто владетел на Саудиска Арабија предложил покојниот крал Абдула да биде убиен со „отровен прстен“, изјави поранешен водечки саудиски разузнавач.
Во интервју за Си-Би-Ес, Сад ал Џабри рече дека Мохамед бин Салман во 2014 година му рекол на својот братучед дека сака да го направи тоа за да го симне својот татко од тронот.
Во тоа време во владејачката фамилија имаше напнатост околу тоа кој ќе дојде на тронот.
Саудиската влада го нарече Џабри „поранешен дискредитиран оперативец“, со долга историја на измислици.
Во интервју за Си-Би-Ес, Џарби рече дека престолонаследникот Мохамед е „психопат, убиец со неограничени ресурси на Блискиот Исток, кој претставува закана за својот народ, Американците и планетата“.
Џарби тврди дека на состанокот во 2014 година, принцот му предложил на својот братучед, принцот Мохамед бин Најеф, тогашниот министер за внатрешни работи, да го организира убиството на кралот Абдула.
Тој му рекол: „Сакам да го убијам кралот Абдула. Добив отровен прстен од Русија. Доволно е да му подадам рака и ќе биде готово“, изјави Џарби.
„Без разлика дали само се шегуваше или не, тој тоа го сфати сериозно“, додаде тој.
Абдула почина во 2015 година на 90-годишна возраст, а го наследи неговиот полубрат Салман, таткото на Мохамед бин Салман, кој го назначи Мохамед бин Најеф за наследник на тронот.
Две години подоцна, Бин Најеф беше заменет со Бин Салман како наследник на тронот. Бин Најеф, исто така, ја загуби функцијата министер за внатрешни работи, и наводно бил ставен во домашен притвор пред да биде приведен минатата година под непознати обвиненија.
Џарби побегна во Канада кога беше соборен Мохамед бин Најеф.
Тој, исто така, во интервјуто рече дека пријател од разузнавачката служба на Блискиот Исток го предупредил дека Мохамед бин Салман испратил тим атентатори по него во октомври 2018 година, само неколку дена откако саудиски агенти го убиле дисидентниот саудиски новинар Џамал Кашоги во Турција.
Изјави и дека на аеродромот во Отава слетала екипа од шест лица, но тие биле депортирани откако цариниците пронашле „сомнителна опрема за ДНК анализа“.
Принцот Мохамед ги негира обвинувањата, како и неговата вмешаност во убиството на Кашоги, иако американските разузнавачки агенции процениле дека тој ја одобрил операцијата.