Кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска повторно ги негираше обвинувањата дека поседува бугарско државјанство и бугарска лична карта.
Арсовска рече дека не е вистина оти го променила името од Даниела во Данела. Според неа, СДСМ сака да ја претстави како кандидат со антидржавен елемент, и покрај тоа што владејачката партија е онаа која, како што рече, ги продала македонските национални интереси.
„Родена сум Данела Јовановска. Името го добив по дедо ми, Дане кој што е Македонец. Родена сум скопјанка, живеам во Скопје“, изјави Арсовска додавајќи дека намерно се шират лаги кусо пред изборите, со цел да се оневозможи низ постапка докажувањето на вистината.
Одговарајќи на новинарски прашања таа истакна дека СДСМ шири лаги бидејќи стравува од пораз на локалните избори и најави тужби со надомест.
Од владеачката СДСМ денес преку прес-конференција информираа дека кандидатката за градоначалник, покрај бугарското државјанство, има и важечка лична карта со адреса во градот Петрич.
На барањето на премиерот Зоран Заев да ја повлече кандидатурата, Арсовска одговори:
„Заев ќе направи се за да си ја спаси политичката кариера. Тој треба прво да го повлече Шилегов оти ништо не испорача. Сега бараат од мене да се повлечам? Кога дојде до таму премиер да се плаши од жена, нека си размисли убаво и по понеделник нека си ја поднесе оставката. Не се повлекувам и планирам се да докажам од прво до последно“.