Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, денеска се сретнал со претставници на бугарското малцинство во Северна Македонија.
Борисов вели дека тие се чувствувале како фантоми затоа што претседателот и премиерот на Северна Македонија се однесуваат кон нив како да не постојат.
„Ова ме потсетува на односот на Румен Радев и неговата канцеларија кон поддржувачите на ГЕРБ. Се обидоа да не збришат, но ја збришаа државата!“, пишува Борисов на својот ФБ профил.
Поранешниот премиер гарантирал „со неговото име“ дека нема да се водат разговори со Северна Македонија се додека бугарското малцинство не биде запишано како такво во Уставот.
„Тие знаат дека нашата поддршка како власт или опозиција зависи од признавањето на бугарското малцинство. Веднаш се договорив на истата тема со Еди Рама, истото го очекувам и од Зоран Заев. За Бугарија е исклучително важно Северна Македонија и Албанија да се во Европската Унија!“, истакна Борисов.
Додава дека неговата земја во последните месеци паднала во меѓународна изолација, а демократиите се потсмевале на бугарската слаба дипломатија.
„Бугарија ја тресат скандали, наместо да се дебатира за важни теми како што се нашите односи со Северна Македонија и ковид-кризата“, додаде екс премиерот на нашиот источен сосед.