Шведска води во ЕУ по родова рамноправност, Грција на дното

од Vladimir Zorba
378 прегледи

Во однос на родовата еднаквост во ЕУ, во изминатата година е постигнат само минимален напредок поради пандемијата на коронавирус, а индексот на родова еднаквост на Унијата е 68 од 100 поени, објави Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE).

Во однос на претходната година, само „микроскопски“ раст од 0,6 поени е забележан во индексот за 2021 година.

„Европа оствари кревки придобивки во родовата еднаквост. Сепак, имаше големи загуби како резултат на пандемијата Ковид-19. Наодите од индексот може да им помогнат на европските лидери да се соочат со различните ефекти на пандемијата врз жените и мажите и да ги ублажат нееднаквите краткорочни и долгорочни влијанија“, рече Директорката на EIGE Карлин Шејле.

Според индексот, повторно најдобри перформанси имаат Шведска и Данска, а потоа следи Холандија која ги помина Финска и Франција.

Во споредба со 2020 година, позицијата најмногу ја подобрија Луксембург, Литванија и Холандија, додека Словенија е единствената земја од ЕУ што забележа назадување.

Гледајќи го резултатот, разликите се големи и се движат од 52,6 поени за Грција до 83,9 поени за Шведска.

Европската комесарка за еднаквост Хелена Дали на презентацијата на индексот рече дека еднаквиот пристап до квалитетни здравствени услуги, вклучително и сексуално и репродуктивно здравје и права, им овозможува на жените и мажите да живеат целосен и активен живот во општеството.

„Преку програмата EU4Helt, Комисијата е подготвена да ги поддржи потребите и активностите на членките на ЕУ за признавање на основното право на секој човек на здравствена заштита, како што е предвидено во Повелбата за основните права и Столбот за социјални права“, рече Дали.

Фокус на КОВИД, менталното, сексуалното и репродуктивното здравје

Овогодинешниот индекс се фокусираше на врската помеѓу здравјето и родовата еднаквост, чија важност дополнително се зголеми поради пандемијата на коронавирус.

Жените, кои го сочинуваат најголемиот дел од вработените во здравствениот сектор, затоа се изложени на поголем ризик да се заразат.

Здравствените работници, исто така, се соочија со „акутен ментален стрес поради преоптоварување и гледање пациенти како страдаат и умираат“ за време на пандемијата.

EIGE, исто така, наведува дека мажите со Ковид имаат поголем ризик да бидат хоспитализирани, што е поврзано со нивното однесување кога станува збор за здравјето и постоечките состојби, како што се кардиоваскуларните заболувања и дијабетесот, кои се почести кај мажите.

Пад има и на наталитетот, особено во земјите најпогодени од пандемијата. Стресот, економската неизвесност и зголемувањето на неплатената работа на жените, а сето тоа, како што се наведува, довело паровите да ја одложат одлуката за родителство или да се откажат од неа.

И наталитетот опаѓа во време на тежок пристап до здравствени услуги.

„Со оглед на тоа што пандемијата Ковид претставува предизвик без преседан за колективното ментално и целокупното здравје на европските граѓани, од клучно значење е креаторите на политиките да ги вклучат грижите за родовата еднаквост во здравството и другите мерки за закрепнување за да се добијат најдобри резултати“, рече EIGE.

Институтот наведува и дека индексот е направен главно врз основа на податоците за 2019 година, но дека укажува и на некои последици од пандемијата што ја одбележа 2020 година.

Слични содржини