Еден евтин, генерички антидепресив го намалува ризикот од тешки форми на болеста Ковид-19 кај лица со висок ризик, потврдија експертите кои учествуваа во најновата студија спроведена во Бразил.
Тестовите спроведени на повеќе од 1.500 пациенти покажаа дека оние кои го земале лекот под генеричкото име флувоксамин покажале помала веројатност дека здравствената состојба на тие пациенти ќе премине до сериозна болест или дека ќе им биде потребна хоспитализација.
Лекот, кој се продава под брендот Лувокс, е селективен инхибитор на повторно земање на серотонин кој најчесто се користи за лекување на опсесивно компулсивно нарушување (OCD) и депресија, пишува Си-Ен-Ен.
„Флувоксаминот може да го намали производството на воспалителни молекули наречени цитокини, кои можат да бидат поттикнати од инфекција со САРС-КоВ-2“, рече Ангела Рајерсен, професорка на Универзитетот во Вашингтон во Сент Луис, која учествувала во истражувањето.
Рајерсен и соработниците на 741 пациент кои доброволно учествувале во студијата им дале 100 mg флувоксамин два пати на ден во тек на 10 дена, додека 756 волонтери добиле плацебо.
Меѓу пациентите кои примале флувоксамин, 79 – или околу 11 проценти – имале потреба од итен третман или хоспитализација, во споредба со скоро 16 проценти од оние кои примале плацебо. Тоа беше пад од 5 отсто на апсолутниот ризик и 32 отсто пад на релативниот ризик.
Потребни се повеќе студии за да се види дали лекот може да се вклучи во третманите што се даваат на пациенти со коронавирус, но третманот е евтин.
„Десет дена употреба на флувоксамин чини приближно 4 долари, дури и во средини со добро ресурси“, велат експертите.
Тоа не е лек за Ковид-19, но ако може да помогне да се задржат пациентите надвор од болницата, би било корисно.
„Со оглед на безбедноста, толеранцијата, леснотијата на користење, ниската цена и широката достапност на флувоксамин, овие резултати би можеле да влијаат на упатствата за клинички третман на Ковид-19“, се заклучува во студијата.
Сродниот лек, Прозак, или флуоксетин, е исто така евтин и уште пошироко достапен, а научниците рекоа дека овој лек треба да се проучува и во однос на третманот за СОВИД-19.
„Сега е клучно да се утврди дали има ефект и дали овие лекови можат да се користат наизменично за СОВИД-19“, заклучува студијата.