Арнолд Шварценегер вели дека светските лидери кои тврдат дека борбата против климатските промени има штетно влијание врз економијата се „глупави или лажливци“.
Пред самитот за климата COP26, поранешниот гувернер на Калифорнија изјави за BBC дека намалувањето на емисиите на стакленички гасови може да има добро влијание врз светската економија.
Актерот, кој го глумеше Терминатор, вели дека намалувањето на внесот на месо не значи да се жртвува нешто, всушност тој станал поздрав бидејќи јаде помалку месни производи.
Тој зборуваше и за загадувањето предизвикано од меѓународната трговија.
Во големото интервју за BBC Radio 4 за серијалот „39 начини како да се спаси планетата“, Шварценегер вели дека континуираниот економски успех на Калифорнија докажува дека намалувањето на јаглеродот и зголемувањето на богатството одат рака под рака.
„Тие се лажговци, тие се глупави. Или тие не знаат како да го спроведат тоа, бидејќи ние го направивме тоа и се работи само за да имаме храброст да го направиме тоа“, додаде тој.
Шварценегер стана борец за чист воздух и обновлива енергија додека беше гувернер од 2003 и 2011 година – поставувајќи ја целта за намалување на емисиите на издувни гасови и ефектот на стаклена градина.
Бидејќи повеќе не е гувернер, тој ја користи сопствената слава и влијание за да ја промовира борбата за намалување на емисиите.
Шварценегер, исто така, ги критикува еколошките агенди кои се фокусираат на конкретни жртви на животниот стил.
Поранешниот шампион во бодибилдинг вели дека во последните години го намалил внесот на месо за три четвртини и дека тоа му донело многу добри работи.
„Бидејќи јадам повеќе зеленчук и растителна храна, докторот ми рече дека артериите престанале да се стеснуваат“, вели тој.
„Како се откажав од некои работи? Се грижев за моето здравје и тоа ми го продолжи животот за две години“.
Шварценегер исто така смета дека технологијата носи решенија и вели дека од возење големо воено возило – Хамер преминал на електрично возило кое е побрзо и има повеќе коњски сили.
Шварценегер вели дека особено го вознемирува загадувањето кое се јавува поради воздушниот сообраќај и прекуокеанските бродови.
Тој предлага САД да купува производи од локални производители.
„Купувајте производи кои се направени во вашата околина. Секогаш кога купувате нешто од другата страна на океанот, влијаете на природната средина, тоа е најлошото нешто што можете да го направите“, вели Шварценегер.
Запрашан дали како републиканец го поддржува глобалниот капитализам и се потпира, меѓу другото, на овој вид трговија, Шварценегер ја отфрла оваа карактеризација.
„Можете да имате конкуренција, но мора да бидете паметни за тоа, бидејќи ако луѓето се мртви, тогаш тие се мртви. Готово е“.
Шварценегер планира да присуствува на самитот во Глазгов следната недела, но не полага големи надежи во системот и верува дека решенијата и промените ќе дојдат поради притисокот и технолошките промени.
Сепак, Шварценегер е оптимист и се уште верува.
„Судбината не постои освен она што можеме самите да го направиме“, рече тој.