Алегри по поразот од Верона: Ние сме тим од средината на табелата

од Vladimir Zorba
400 прегледи

Поразот од Верона (1:2) ги потврди и онака многу јасните факти – Јувентус е далеку од тимот кој со години е доминантен на Апенинскиот полуостров. И не само што е далеку од своите најдобри изданија, торинскиот клуб е далеку зад главните конкуренти за врвот во шампионската трка.

Четвртиот пораз, а седми натпревар сезонава во Серија А, во кој Јувентус губи бодови, беше причина Масимилијано Алегри да ги сумира своите впечатоци и без двоумење да погледне на која позиција се моментално „бјанконерите“.

„Бесмислено е да се каже нешто во овој момент. Ние сме во лоша ситуација, мораме да ја прифатиме реалноста дека во моментов сме тим од средината на табелата. Можеме да излеземе од оваа ситуација со малку поголема решителност и квалитет“, изјави Алегри.

Италијанскиот стратег истакна дека нема смисла клупските членови да се жалат на моменталната ситуација бидејќи тоа нема да донесе промени.

„Ќе излеземе од оваа ситуација. Само треба да се фокусираме на она што треба да го направиме и тогаш работите ќе се средат сами“.

Јувентус во 11 кола зема само 15 поени, што е најлош учинок на торинскиот клуб од сезоната 1961-1962 година.

„Имаме добар тим, но работите во фудбалот не одат секогаш како што планираме. Мораме да реагираме гордо и одлучно“, истакна тренерот.

Двата гола на Колито Симеоне за три минути ја доведоа Старата дама во незавидна ситуација.

„Сфативме дека Верона ќе ја истакне физичката борба и битка за секоја топка, свесни дека ќе загубиме ако не ги надминеме на тоа поле. Да го носиме дресот на Јувентус не ни гарантира дека ќе победиме тимови од средината на табелата. Мораме да го заработиме секој поен и тоа го правиме со правилен став. Фудбалот е фудбал, а не мечување. Мора да се борите на теренот на исто ниво. Верона знаеше дека мора да игра за да го победи Јувентус. Наша грешка беше што претпоставивме дека бевме подобри од Верона, а во моментов не сме. Мораме да бидеме реални“.

Со бројните порази и реми, причина за загриженост се дури и триумфите, со оглед на тоа што мнозинството беше постигнато со резултат 1:0, а посебно прашање е ароганцијата на играчите.

„Нема голема екипа која некогаш победила без да го почитува противникот. Ни недостига таа желба за борба, бидејќи натпреварите се битки. Сега нема потреба да се зборува за ништо, туку треба да молчиме и да работиме напорно за да се докажеме на теренот. Кога се работи за Скудетото, имавме една од последните шанси против Верона да останеме во борбата“.

Очигледен беше гневот на Алегри за време на натпреварот, кој во еден момент немоќен пред изливот на гнев го фрли палтото покрај теренот.

„Првиот удар на ривалот носи гол. Тоа не е случајност, туку став и мора да се вратиме на пристапот што го имавме во претходниот период. Во овој момент се изгледа негативно, но мора да бидеме со чиста глава. да анализираме што треба да направиме и што треба да промениме “, изјави стратегот на Јувентус.

Слични содржини