Еден од најбогатите луѓе во светот, Елон Маск, изјави дека веднаш ќе ги продаде сите акции на Tesla и ќе го реши гладот во светот доколку некој од Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) му објасни како тоа може да се направи со шест милијарди долари.
Тој го напиша ова како одговор на твитот на Елаја Дејвид, водечки експерт за вештачка интелигенција, кој објави дека 2 отсто од вкупното богатство на Маск е шест милијарди долари, додека Светската програма за храна на ОН собра 8,4 милијарди долари во 2020 година.
Тој праша како тоа не го решило проблемот со гладот во светот.
Неколку минути подоцна Маск повторно твитна и порача дека објаснувањето на ОН, односно финансискиот план мора да биде транспарентно за јавноста да може точно да види каде и како се потрошени парите.
If WFP can describe on this Twitter thread exactly how $6B will solve world hunger, I will sell Tesla stock right now and do it.
— Elon Musk (@elonmusk) October 31, 2021
Пред четири дена, шефот на Светската програма за храна на Обединетите нации изјави дека мала група богати поединци може да помогнат во решавањето на гладот во светот со мал дел од своето богатство.
„Милијардерите треба еднаш да дојдат на помош“, изјави Дејвид Бисли за Си-Ен-Ен, посочувајќи на двајцата од најбогатите луѓе во светот – Џеф Безос и Илон Маск.
„Шест милијарди долари за помош на 42 милиони луѓе кои буквално ќе умрат ако не им помогнеме. Не е комплицирано“, додаде тој.
Директорот на Tesla, Елон Маск, поседува богатство вредно 289 милијарди долари, што значи дека Бисли бара донација од само два отсто од неговиот имот.
Богатството на американските милијардери е речиси двојно зголемено од почетокот на пандемијата и сега изнесува повеќе од пет трилиони долари.