Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, високото ниво на демократска свесност која ја покажале вчера, но и на сите изборни органи за професионално работење и почитување на Изборниот законик, на медиумите за професионалниот однос и известување за изборите, на учесниците во изборите и кандидатите за креирањето на поле за фер натпревар на домашните и меѓународните набљудувачи за придонесот на демократскиот амбиент во кој се одвиваа изборите и за почитувањето на кодексот за набљудување.
–Изборите беа поразлични од сите претходни бидејќи пред сите нас имаше поинаква задача, успешно воведување на технологија за биометриска идентификација на гласачите. ДИК и сите чинители беа исправен пред голем предизвик. Оваа законска обврска за воведување биометриска технологија за првпат претставуваше голема привилегија, но и голема одговорност. Употреба на биометриските системи во изборните процеси овозможува да се пресретнат предизвиците вклучени во спроведување на принципот еден гласач еден глас, што е неопходно за одржување демократски, фер и транспарентни избори, рече Даштевски на прес-конференцијата на која ДИК треба да ги соопшти првичните официјални резултати од изборите.