Најавите за можно ново покачување на минималната плата ги загрижи работодавачите. Алармираат дека станува збор за политичка одлука која може да доведе до намалување на бројот на работниците и нивно заминување под Агенција за вработување каде надоместокот е под 15 000 денари. Како аргумент во прилог на нивната теза посочуваат и дека со претходното покачување од 12 000 на 15 000 денари не само што не се покачиле и останатите плати во компаниите туку делувало демотивирачки врз подобрите работници во јавниот и во приватниот сектор.
Секое покачување кое ќе биде поголемо од законското усогласување со растот на цените, БДП и просечните плати, може да се нарече политичка одлука или популизам.Евентуалното ново покачување на 18.000 ден. покрај споменатиот ефект на „урамниловка” ќе предизвика и пад на бројот на работници во индустријата, затоа што голем број на трудоинтензивни дејности нема да можат да го издржат овој товар, вели првиот човек на конфекцијата Мода, Ангел Димитров.
Во ситуација кога се испочитувани сите критериуми од Законот за минимална плата и барањата на ЕУ за дефинирање на минималната плата на 50 % од просечната, неразбирливо е проблемот со рапидното зголемување на цените да се префрла на грбот на работодавачите, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Проблемот со одливот на кадар, со мотивација на вработените не лежи во оптеретувањето на работодавачите со категоријата минимална плата, туку треба да разгледува многу по длабоко во сите сфери на функционирањето. Платата е категорија која се движи по иста линија со продуктивноста, колку ја зголемуваме нашата продуктивност, толку поиздржано е барањето за зголемување на платата, вели Трајкоска.
Работодавачите се надеваат дека Владата најпрво ќе направи добра анализа на постоечките состојби и ќе ги земе во предвид и потребите на работниците и потребите на економскиот развој, нивото на продуктивноста и желбата од одржување на високо ниво на вработеност бидејки субвенционирање на зголемувањето на минималната плата според нив ќе даде ефект само на краток рок.
На долг период компаниите ќе мора да ја зголемат продуктивноста и приходите како би можеле да го издржат зголемениот товар, оние кои тоа нема да можат да го направат, најпрвин ќе го намалат бројот на вработени а потоа може и да запрат со дејноста, вели Димитров.
Нереални според нив се и очекувата на Владата во делот на Планот за забрзан економски раст 2022-2026 кој беше претставен минатата недела.
Овој амбициозен план создава немир кај стопанството од причина што во услови на енергетска несигурност, немање на домашни енергетски капацитети го доведува во прашање инвестицискиот процес кој не кореспондира со овие параметри. Имено, доколку постои енергетска нестабилност, променлива цените на металите и дериватите на светските пазари секој потенцијален инвеститор ќе размислува за одложување на овој процес. Државата се соочува со недостаток на домашни ресурси и капацитети, што е причина повеќе да веруваме дека нереални се очекувањата и предвидувањата на владата, вели Трајкоска.
Работодавачите очекуваат дека државата сепак ќе застане зад своите очекувања како во делот на стимулирање на инвестициите, вработеноста и стабилно снабдување со електрична енергија, но не за сметка и на товар на стопанствениците со зголемување на даночните оптоварувања. Децидни се дека државата треба да разбере дека своите очекувања треба да ги темели на своите успеси , а не на товар на стопанството.
К.В.С.