Стевчо Јакимовски откако вчера ја презеде градоначалничката функција во Општина Карпош денеска се појави на суд каде му се суди за дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Но, рочиштето беше одложено бидејќи адвокатот на Јакимовски , Виктор Цветковски не бил во контакт со заразени од ковид-19.
На Јакимовски му се суди за кривично дело од времето кога беше градоначалник, односно за незаконска легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“, и градењето на административната зграда на Општина Карпош.
Јакимовски беше обвинет заедно со уште десетмина, но поголем дел од нив признаа вина и добија условни казни од една година затвор доколку во наредните две години сторат ново кривично дело.
Тој според обвинението како градоначалник ја злоупотребил својата положба и при легализација на други бесправно изградени објекти , како и при продажба на државно земјиште во рамките на општина Карпош за пониска цена од пазарната. Обвинителството тврдеше дека со тие кривични дела, во кои првообвинет е Јакимовски, направена е штета на буџетот на општина Карпош од над 14,6 милиони денари (околу 238 илјади евра) и штета на државниот буџет во висина од над 31 милиони денари (околу половина милион евра).