Бурни реакции за заканата на Дардишта

од Берта Китинска
731 прегледи

Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики, напиша Шкодране Дардишта, од ДУИ, на својот ФБ профил, незадоволна од најавата дека е можно ДУИ по долги години да замине во опозиција.

„Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него“, порача Дардишта.

По оваа објава следеше бура од рекации.

Прв кој излезе со своја рекација беше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој  вели дека радикалната изјава на Шкодране Дардишта од ДУИ, која се заканува со војна, го натерала да и одговори во нејзин стил, уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.

„Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби сѐ уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се’ уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечети чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО“, кажа Ангелов.

Во врска со статусот што го објави на Фејсбук Дардишта, , Али Ахмети потенцира дека ДУИ во својата кауза ја има слободата, а „таквите изјави не се во интерес на партијата и каузата“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Тема на денот на Сител на прашање за денешнарта изјава на Шкодране Дардишта одговори дека таквите закани со згрозување ги чита и ги заборава.

-Таков тип на закани не би сакал да ги коментирам освен со згрозување да ги прочитам и да ги заборавам. Посебно не би сакал нејзе да ја коментирам бидејќи е сепак дама и како човек што ги почитува дамите нема да навлезам во било каква дебата со нејзе, но како човек кај мене таквиот тип на закани ствараат контраефект односно таква акција ствара сериозна реакција, не би сакал да коментирам нешто што не враќа назад во минатото, ова се луѓе кои се заглавени во минатото, рече Мицкоски.

Дардишта е член на Одбор на директори на Македонски Телеком, а до формирањето на сегашната влада била директор на заедничките служби на Клинички Центар.

Македонски Телеком попладнево се огради од Фејсбук статусот на Шкодране Дардишта, член на Одборот на директори на Телеком во кој таа се закани со војна, и побара реакција од Владата.

-Македонски Телеком се оградува од приватниот став на г-ѓа Шкодране Дардишта изнесен на социјалната мрежа Фејсбук.

Го осудуваме ваквиот личен став и наскоро очекуваме реакција од Владата, која ја постави г-ѓа Дардишта како независен член на Одборот на директори на Македонски Телеком, наведуваат во соопштението.

Денеска и Од Министерството за здравство ги демантираше објавите во медиумите дека таа е актуелна директорка во УК Центар „Мајка Тереза“.

Слични содржини