Јованов: Младите сакаат да си заминат од државата и поради фрустрацијата од политичката ситуација

од desk4
877 прегледи

Координаторот на Мрежата за спречување на одлив на мозоци Иван Јованов, во интервју за „Локално“ вели дека пандемијата предизвикана од Ковид 19 во изминатите две година на некој начин застана на патот на отселувањето на младите луѓе во светот, а со тоа и на „одливот на мозоци“ од државата. Предупредува дека и понатаму процентот на младите луѓе кои сакаат да ја напуштат Македонија останува многу висок.  Затоа тој смета дека  Стратегиите наменети за младите  не треба да остануваат само на хартија, туку  институциите целосно да ги спроведуваат.

Молери, столари, пекари и  лекари, сите заедно  сакаат да се отселат од државата. Причините според Јованов се бројни, од економски па се до  политички кои пред се ги фрустрира. „Одливот на мозоци“ е проблемот со иселување на високо обучени и квалификувани луѓе од земјава кој треба да се спречи бидејќи си заминуваат оние од кои најмногу се очекува да придонесат кон развојот на македонското општество, од економски, социјален  и политички аспект.

Мрежата за спречување на одливот на мозоци чиј координатор е Јованов е неформална мрежа составена од 7 граѓански организации кои работат на различни полиња поврзани со развојот на младите, младинските политики и права, како и младинското информирање.

Во изминатите две години пандемијата привремено го спречи иселувањето пред сѐ на младите од земјата. Еден од факторите за ваквиот тренд е затворањето на границите и прогласувањето на пандемијата на Ковид-19. Државниот завод за статистика излезе со интересни бројки дека минатата година се отселиле 1.082 лица на сметка на оние кои се доселиле 1.848 странски државјани. Сепак и понатаму многу граѓани сакаат да заминат од државата. Како ја коментирате ваквата состојба?

Повеќе од јасно е дека трендот на иселување во текот на КОВИД-19, стивна пред се поради намалената можност на мобилност но и рестрикциите кои беа наметнати од самите држави. Иако во последните две години Мрежата за спречувње на одлив на мозоци нема спроведено детални истражувања, нашите податоци говорат дека сепак, интересот на младите за отселување не е намален. Причината за таквата нивна желба е слична, да не речам иста, како и онаа пред пандемијата. Во топ три причини за иселување, младите најчесто ги наведуваат, желбата да најдат подобра работа. Овој процент е и највисок и тој изнесува 74%. Речиси двојно помал е процентот на млади луѓе кои сакаат да се отселат по потрага за подобар живот и тој изнесува 36%. Но, младите не се иселуваат само поради пари и подобар живот, нив ги фрустрира и како функционира ова општество. Затоа за таквата нивна одлука голем уделот игра и целокупниот амбиент во кој што функционира државата. 36% од нив се изјаснуваат дека би ја напуштиле земјата токму поради фрустрацијата од политичката ситуација.
Постојат и неекономски причини или параметри кои се исто така многу важни. А тие се неквалитетното образование, политичката состојба како и животната средина и лошиот квалитет на воздухот.
Желбата за заминување од дома не стивнува пред се поради тоа што и за време на пандемијата ситуацијата многу малку се промени, дури во делот на вработувањето можеби стана и полоша.
Така што ќе посочам дека според последните достапни истражувања и понатаму е многу висок процентот на млади кои својата иднина не ја гледаат во Македонија и посакуваат да се иселат. На пример според истражувањето на Вестминстер фондацијата за демократија, 58% од младите доколу имаат и најмала можност би се иселиле од Република Северна Македонија.

Македонските граѓани кои сакаат засекогаш да се отселат во Германија, Швајцарија, Италија, Словенија се со различни професии. Меѓу нив има и водоинсталатери но, и доктори по наука. Со нивното заминување, се доведува во ризик економијата, пазарот на труд, како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд. Како да ги задржиме сите овие луѓе да останат дома, во својата татковина?

Нашата Мрежа за спречување на одлив на мозоци, има изработено документ за јавна политика кој содржи препораки што му ги предлагаме на Министерството за економија. Ние препорачуваме државата да креира систем на финансирање на идеи на млади луѓе и да им се даде финансиска и техничка поддршка (бескаматни кредити, менторство, мобилност и усовршување итн.) за веќе постојните компании основани од млади, по примерот на Фондот за иновации и технолошки развој. Исто така предлагаме да се промовираат веќе постоечките можности што ги нуди државата, но тоа да биде направено на пријателски и разбирлив начин за младите, како и да се промовираат нивните успешни приказни, со цел стимулација на претприемничката култура. Наш предлог е и стимулирање на извозот на идеи, продукти и сервиси на бизнисите водени од млади, со цел да се зголеми нивната конкурентност и продуктивност, но и да се финансираат центри за технолошки иновации. Исто така младите ќе сакаат да останат во земјава доколку се охрабрат во отворањето на бизниси на локално ниво, односно да се децентрализира понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе, како и да се стимулира нивно вмрежување и организирање, со цел подобрување на бизнис климата.

Колку владините мерки, грантови за сопствен бизнис, субвенционирање на плати, студентски оброк и други младински политики може да влијаат врз иселувањето на младите од Македонија. Нашата држава се соочува и со незапирливата појава на бреиндреин (одлив на мозоци)?

Доколку ништо не се промени во однос на подобрување на условите за живот, политичката ситуацијата, вработувањето, животната средина тогаш се соочуваме со континуиран одлив на мозоци и во иднина. Иселувањето на младите независно од етничката или партиска припадност неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста кои можат да и помогнат на земјата. Во моментов секако дека намаленото иселување е директна последица од КОВИД-19 пандемијата. Тоа е единственото логично објаснување. Шансите да имаме зголемување на бројот на млади кои сакаат да се отселат веднаш по престанувањето на пандемијата односно со отворањето на границите навистина се многу големи. Исто така очекувано е дека иселувлањето ќе се зголеми и со европските интеграции. Најчести причини за своето заминување овие луѓе го споменуваат квалитетот на животот, социо- економскиот и неспремноста на државата да го искористи нивното знаење и потенцијал.

Дали сметате дека иселувањето може да биде една од најголемите закани за националната безбедност како што неодамна изјави шефот на државата и дали меѓу причините за нивно заминување е „партизираната“ држава?

Генералната слика е дека многу малку се менува во однос на департизирање на работните позиции без разлика кој е на власт. Тоа се гледа и во нискиот капацитет за спроведување на реформите, но и во неколкуте случаи кои ги имавме со отпуштање на квалитетни кадри заради партиски интереси и игри.

Светска банка, Еуростат и Обединетите нации преку најразлични анализи, истражувања и студии изминативе години правеа напори да ја пребројат дијаспората. Сепак и понатаму нема релеватни податоци колкумина заминале од земјата. Дали пописот спроведен оваа година, ќе ја покаже вистинската слика и на отселени граѓани а со тоа ќе ги знае и штетите што ги трпи поради иселувањето?

Не сум сигурен дали пописот беше насочен за пребројување на дијаспората. Доколку е насочен кон тоа, тогаш лесно може да се преброи. Меѓутоа генерално е потребно да се формира систем за прибирање информации за нашата млада интелектуална дијаспора во странство и нивно поврзување со младите и бизнис заедницата во Северна Македонија. Редовните контакти со дијаспората можат да придонесат за враќање на дел од иселениците во нашата земја.

Неодамна на владина седница беше усвоена Националната стратегија за вработување 2021-2027 година со вклучен Акциски план. Според проекциите за вработеноста, стапката на учество на вработените во вкупното население до 2027 година ќе се зголеми на 60 проценти, додека стапката на невработеност ќе опадне на 11 проценти за работоспособното население. Таа е фокусирана на ублажување на негативните последици на пандемијата од КОВИД-19 врз вработувањето и воведување на потребните реформи за почеток на втората фаза (од 2024 до 2027 година) на политиките. Колку е остварлива ваквата Нацонална стратегија?

Не сум запознаен со Националната стратегија за вработување 2021020217, но генералната болка на нашите институции е што се изгледа убаво на хартија, но не се спроведува и следи. Така беше и со Националната стратегија за вмрежување и соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013 – 2020, за која нашата анализа покажа дека беше спроведена само 11%.
Токму оваа анализа покажа дека намерата за иселување на младите образовани и стручни кадри од Северна Македонија е доста голема и загрижувачка и дека таа покажа оти околу две третини од младите планираат да се иселат, додека само 8% ја гледаат својата иднина во нашата земја, што укажува на неефикасноста на државните политики и работата на институциите.

Б.Т.

Слични содржини