Данска: Коронавирусот е општествено критична болест, се враќаат пропусниците

од Nikola Popovski
524 прегледи

Данска сака да го преиспита Ковид-19 како „општествено критична болест“, отворајќи го патот за повторно воведување на дигиталните ковид-пропусници, неколку месеци по нивното укинување, заедно со рестриктивните мерки.

Потегот, кој сè уште треба да биде потврден во парламентот, ќе и овозможи на Данска повторно да воведе некои мерки доколку е потребно, објави АП.

Пропусницата беше воведена на 1 јули, но беше укината на 10 септември, кога Данска објави дека Ковид-19 повеќе не се смета за „општествено критична болест“, наведувајќи го високото ниво на вакцинација како причина.

Сепак, Данска во моментов, како и многу други земји, бележи пораст на бројот на заболени, а здравствените власти наведуваат дека бројот на нови инфекции и хоспитализации се зголемува побрзо од очекувањата.

Министерот за здравство Магнус Хојник рече дека ковид-пропусниците може да важат за ноќни клубови, кафулиња, автобуси за забави и ресторани во затворени простории, но и за собири на отворено каде има повеќе од 2.000 луѓе.

Според последните податоци, околу 86 отсто од луѓето на возраст од 12 и повеќе години примиле две дози вакцина, додека 87,4 примиле најмалку една доза.

Слични содржини