Сингапур: Невакцинираните во иднина ќе треба сами да го плаќаат лекувањето

од Nikola Popovski
353 прегледи

Сингапурските власти денеска објавија дека повеќе нема да ги плаќаат трошоците за лекување на пациенти со коронавирусот кои одбиле да примат вакцина.

Островот се соочува со најлошиот бран на инфекција од почетокот на епидемијата со околу 2.000 до 3.000 нови случаи дневно.

„Луѓето кои не се вакцинирани претставуваат значително мнозинство од оние на кои им е потребна интензивна нега и несразмерно придонесуваат за притисокот врз нашата здравствена инфраструктура“, изјавија тамошните власти.

Владата досега ги покриваше трошоците за лекување на дел од граѓаните, но од 8 декември ќе доставува фактури за пациентите кои се заразени и одбиле да примат вакцина.

Овие пациенти сепак ќе можат да користат приватно осигурување за да ги надоместат трошоците.

Властите ќе продолжат да ги плаќаат трошоците на оние кои не можат да ја примат вакцината поради здравствени причини, како и на децата помлади од 12 години, јавува АФП.

Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот, со 85 проценти целосно вакцинирани од население од 5,5 милиони.

Слични содржини