Ангеловска-Бежоска: Денарот е и ќе биде стабилен

од Vladimir Zorba
303 прегледи

Девизните резерви коишто се клучниот фактор од којшто зависи стабилноста на денарот во однос на еврото се одржуваат на историски највисоко ниво од 3,6 милијарди евра. Тие се повеќе од двојно повисоки отколку во текот на глобалната финансиска криза во 2008/2009 година, а Народната банка располага и со дополнителни механизми за поддршка на девизните резерви и одржување на стабилноста на домашната валута. Денарот со години е стабилен и ќе биде стабилен и во времето пред нас.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во синоќешното издание на емисијата „Економски магазин” на телевизијата Алсат-М, коешто им беше посветено на најновите проекции и оцени на Народната банка за состојбите и движењата во македонската економија.

Гувернерката нагласи и дека во текот на секоја криза, заради шпекулации, се отвора прашањето за стабилноста на денарот, но дека од тоа сите имаме штета, пред сѐ граѓаните коишто непотребно би се изложиле на трошоци за конверзија на денари во странска валута. Такви шпекулации имаше и во текот на оваа криза, но наспроти тоа, и податоците за актуелниот период и проекциите за следните години упатуваат на високо и соодветно ниво на девизните резерви, што е гаранција за стабилноста на домашната валута.

„Во 2008 и 2009 година кога се соочивме со глобалната финансиска криза, тогаш нивото на девизните резерви беше речиси половина од тоа што денеска го имаме. Самото по себе покажува дека капацитетот на државата за справување со какви било шокови, вклучително и шпекулации со кои се соочуваме вообичаено во одредени кризни ситуации е огромен за да се справи со вакви предизвици. Девизните резерви се на ниво од околу 3,6 милијарди евра, коешто е повеќе од двојно повисоко од она што го имавме во 2008 година кога тие изнесуваа околу 1,5 милијарди евра. Споредено како процент од бруто домашниот производ, тогаш изнесуваа околу 23% од БДП, а сега се одржуваат на нивото од 30%.” – истакна Ангеловска-Бежоска.

Таа потсети дека на Народната банка на располагање ѝ се и дополнителни механизми од страна на Европската централна банка – репо-линијата или едноставно кажано, пристапот до девизна ликвидност, доколку имаме потреба од тоа.

„За првпат, оваа репо-линија ни беше обезбедена минатата година. Тоа беше на иницијатива на нашата централна банка, којашто беше поддржана од страна и на другите земји во Западен Балкан и заедно настапивме со барање кон Европската централна банка и навистина се направи голем исчекор во таа насока, токму за поддршка на девизните резерви и на стабилноста на домашната валута. Ние досега немаме користено средства од оваа репо-линија, што е и дополнителна потврда за соодветното и комфорно ниво на девизните резерви.” – посочи гувернерката.

Во однос на најновите макроекономски проекции на Народната банка, во емисијата се разговараше и за проекцијата за инфлацијата, како и за проекцијата за економскиот раст.

Гувернерката нагласи дека Народната банка очекува дека инфлацијата ќе остане во умерени рамки, што е во согласност и со очекувањата на Меѓународниот монетарен фонд – веќе следната година инфлацијата би забавила, а потоа би се свела на историскиот просек од околу 2%.

Слични содржини