Имавме витешки ден од наша страна. Од нивна страна се погази демократијата и во Македонија беше киднапиран пратеник. За тоа ќе има одговорност и тој ден ќе дојде набрзо, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски пред Собранието заедно со сите пратеници од опозицискиот блок.
Тој побара брзи и предвремени избори за излез од кризата.
-Власта од денес има 59 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има 60 пратеници и еден пратеник кој е киднапиран. Ние заминуваме, нема потреба да го држат човекот до 12 часот. Ние од опозиција да имаме докази дека е киднапирање? Мислам дека власта и МВР се тие што треба да ги извадат, рече Николоски, одговарајќи на прашањето на новинарка.
Тој информира дека дел од пратениците на СДСМ не можеле да ги користат мобилните телефони и потенцира дека тие треба да го потврдат тоа.
-Утре ќе заседаваат органите на партијата и ќе ги кажеме следните чекори околу се, рече Николоски.
За претседателот на земјата, Стево Пендаровски, Николоски вели дека потфрлил.
-Пратеник мистично исчезна, а тој ништо не гукна. Вчера даваше глупи изјави, а денес го нема „а“ да каже. Ќе си го види крајот во 2024 година, додаде пратеникот.