За многумина во Турција месото е веќе луксуз

од Vladimir Zorba
453 прегледи

„Инфлацијата се удвои. Сега купувам едно нешто на пазарот за истите пари, што купував две“, вели Елиф Ајден, 25-годишна студентка. И не е само таа. Многумина на ист начин го опишуваат скокот на нивните дневни трошоци.

Но, самите производители секојдневно се борат со инфлацијата во Турција. Според Турскиот статистички институт, цените на производите за широка потрошувачка во октомври во споредба со почетокот на годината пораснале за речиси 20 отсто, но многумина веруваат дека ниту овие алармантни официјални бројки не ја одразуваат реалноста. Според независна експертска група, стоките за широка потрошувачка за една година поскапеле за речиси 50 отсто, пишува Емре Езер во анализа за „Дојче веле“.

Економистите предвидуваат дека потрошувачите ќе се чувствуваат уште поболно во наредните денови. Озлем Дериџи Сенгул смета дека цените на храната и енергијата ќе продолжат да растат со иста стапка. Објаснува дека производителите сè уште не ги пренеле на потрошувачите нивните реални зголемени производни трошоци, но оваа воздржаност може да трае најмногу три месеци.

Ајдан Савур, 30-годишен специјалист за дигитален дизајн, вели дека го чувствува растот на цените. Иако неговата плата редовно се зголемува, куповната моќ на Ејдан постојано се намалува: „За една година мојата куповна моќ се преполови“, вели тој.

Најбрзо растат цените на прехранбените производи како доматите и пиперките – само во октомври пораснале за околу една третина. А поскапувањето на храната најмногу ги погодува луѓето кои работат со минимална плата. Во последните шест години во турски лири се удвои, но во евра всушност падна од 332 на 252.

Скапата храна ги принудува потрошувачите во Турција дури и да го променат начинот на живот. Сега ја сведуваат потрошувачката само на основни потреби, се друго за нив е непотребен луксуз. Месото, кое долго време беше централен елемент во турската кујна, сега се помалку е застапено на трпезата. Цената на меленото говедско месо се зголеми за најмалку 30%, а говедските стекови и филети – дури и за 60%.

Гуркан Кјор, 41-годишен индустриски работник, раскажува за ДВ дека неговата плата повеќе не е доволна за да ги покрие дневните трошоци. „Веќе не купуваме месо. Еднаш месечно земаме малку пилешко. Дури и маслинките поскапеа речиси двапати“, се жали Гуркан.

Но, од поскапувањето не страдаат само потрошувачите, туку и сопствениците на продавници, услужниот сектор и производителите. Месарот Адем Косен од Истанбул тврди дека само минатата година цените на месото скокнале за 60 отсто. „Но, ако ги зголемиме цените на месните производи за толку, ќе ги избркаме клиентите“.

Претседателот на Сојузот на малите претприемачи, Бендеви Паландокен, во интервју за ДВ вели дека повеќето занаетчии сега се принудени да ја продаваат својата стока по производна цена, без никаков профит.

Економистот Арда Тунџа смета дека оваа непријатна ситуација ја поткопува довербата на Турците во официјалните институции. Затоа што цените што луѓето ги гледаат на пазарот воопшто не се совпаѓаат со официјалните бројки на Заводот за статистика.
„Турција донесе голем број погрешни одлуки на полето на монетарната политика. И се чини дека никој повеќе не се грижи за средната класа. Приходите на луѓето постојано се намалуваат. Високата инфлација формира сосема нова социјална класа“, објасни Арда Тунџа. Тој додаде дека групите со највисоки приходи повеќе не изгледаат заинтересирани за наоѓање нови работни места, бидејќи имаат добра корист од инфлацијата. „Како резултат на тоа, луѓето со ниски приходи стануваат сè посиромашни и посиромашни“, рече тој.

Тунџа потсетува дека во последните 7-8 години турската економија порасна, но приходите на луѓето опаднаа. „Економскиот раст не му користи на општеството“, рече тој. „Им свртевме грб на политиките, насочени кон одржливост“.

Слични содржини