Учениците и студентите мора да засадат најмалку 10 дрвја за да завршат основно, средно училиште и факултет, според новиот закон усвоен на Филипините, пишува денеска порталот „National Geography“.
Новиот филипински закон, наводно, бара од сите средношколци и студенти да засадат најмалку 10 дрвја пред да дипломираат.
Поентата на овој закон е да се обиде да ја формализира традицијата на садење дрвца по дипломирањето, а филипинските власти веруваат дека тоа ќе биде од помош во борбата против климатските промени.
Според „National Geography“, предлагачите на новиот закон велат дека законот може да доведе до засадување на дури 525 милијарди дрвја во една генерација, доколку сите се придржуваат до правилата.
„Со повеќе од 12 милиони ученици кои имаат завршено основно образование, речиси пет милиони ученици кои имаат завршено средно образование и речиси 500.000 дипломци секоја година, оваа иницијатива, доколку правилно се спроведе, ќе обезбеди годишно да се садат најмалку 175 милиони нови дрвја. Во текот на една генерација, во рамките на оваа иницијатива може да се засадат до 525 милијарди дрвја“, изјави Гери Алехано, автор на предлогот.
Стеблата, како што се наведува, ќе бидат засадени во мангрови, постојни шуми, некои заштитени подрачја, воени полигони, напуштени рударски локации и избрани урбани средини, сето тоа според плановите за уредување на единиците на локалната самоуправа.
Покрај непосредното влијание на дрвјата врз апсорпцијата на јаглерод диоксид, филипинските власти се надеваат дека легислативата ќе им помогне на идните генерации да имаат развиена свест за животната средина и дека ќе доведе до дополнителни еколошки иницијативи во иднина.