Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) алармира дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во октомври се зголемени за 200 денари во однос на септември, според нивните податоци. Тие апелираат да бидат прифатени забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните.
-Синдикалната минимална кошничка во октомври изнесува 34.584 денари. Храната учествува со 42,7 проценти во вкупната структура на кошничката или за храна и пијалоци потребни биле 14.779 денари. За режиски трошоци биле потребни најмалку 10.879 денари, а за хигиена 2.390 денари. Затоа бараме итно зголемување на минималната плата на најмалку 60% од просечната плата и сите останати плати согласно коефициентите на сложеност на работните места утврдени во колективните договори по дејности, стои во соопштението на Синдикатот.