НЕДЕЛАТА КОГА ЗАМИНУВА РОСИ: Легендарниот Италијанец во Валенсија ја вози последната трка во неговата кариера

од Vladimir Zorba
286 прегледи

Денес во Валенсија се спушта завесата на овогодинешното издание на шампионатот во Мото ГП, но и на 25-годишната кариера на Валентино Роси (42), човек чиј заштитен жолт знак „46“ стана неофицијално лого на мотоспортот.

Денот е обележан со симболи. Валентино и Валенсија го имаат истиот латински збор во коренот, а збирот на цифрите од датумот на кој ќе ја возат последната трка дава 46 (14 + 11 + 21).

Единствениот кој освои титули, девет од нив, во сите четири класи, возеше во 44,4 отсто од сите ГП шампионати во историјата, постигна вкупно 115 победи и 235 подиуми. Сепак, неговото наследство ќе ги надмине сите рекорди. Последен пат ја освои титулата во 2009 година, освои трка пред четири години, но и понатаму е најпопуларен. Вечниот Петар Пан, со својата харизма, го претвори моторниот спорт од страст на група лудаци, во љубов на милиони ширум светот, која ги држи и италијанските баби заковани на малите екрани во недела.

Синот на мотоциклистот Гратјан бил познат како „напаста на Тавулија“, гратче низ чии улици уште како момче ги „возело“ своите мотори, а кое денес е место за аџилак на моторџиите. По две титули во класите 125 и 250 кубика (1997 и 1999 година), во 2000 година преминува во „кралската класа“, кога го зема прекарот Il Dottore (доктор). Најпознат по успесите со Јамаха, тој ги смени мотоциклите за да докаже дека не победува поради нив.

Беше како арлекин од италијанска комедија, дрзок и непослушен, повремено отровен. Кога се шпекулираше дека неговиот лут ривал Макс Бјаџи е во врска со Наоми Кембел, тој извозе почесен круг со кукла на надувување „Клаудија Шифер“. Во Малезија во 2015 година го собори Марк Маркез од мотоциклот, бидејќи мислеше дека Шпанецот вози во корист на неговиот сонародник Хорхе Лоренцо.

Сега, кога ќе се пензионира, не е како некој што не знаел кога е доволно, туку како патер фамилијас опкружен со млади возачи кои влегле во овој спорт токму поради него.

Едно е сигурно – мото-неделата никогаш повеќе нема да биде иста.