Моравјецки: НАТО да преземе конкретни чекори поради кризата на границата со Белорусија

од Vladimir Zorba
259 прегледи

НАТО мора да преземе конкретни чекори за решавање на мигрантската криза на границата со Белорусија, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Тој додаде дека Полска, Литванија и Летонија може да побараат консултации според членот 4 од договорот на Алијансата.

Според член 4, секоја членка на алијансата може да побара консултации во секое време кога е загрозен нејзиниот територијален интегритет, политичка независност или безбедност.

„Не е доволно само јавно да се изразува загриженоста – сега ни требаат конкретни чекори и посветеност од целата алијанса“, рече Моравјецки.

Илјадници мигранти пристигнаа во Белорусија со надеж дека ќе преминат во ЕУ, но се најдоа блокирани на границата со Полска и другите соседни членки на ЕУ на многу студено време.