Мерките што се донесоа од Комисијата за заразни болести не се во насока на ублажување на ударот од силен бран, кој што побрзо се пренесува во затворен простор. Тенденцијата во зимските месеци е луѓето да се собираат во затворено, вели доктор Злате Мехмедовиќ во гостувањето на дневникот на ТВ Сител.
Според него, никој не ја знае точната критичка точка кога таквата експлозија на новозаразени случаи, ќе ја имаме во нашата држава.
-Најмногу на удар ќе бидат невакцинираните. Многу мал е бројот на вакцинирани кои завршуваат во болница поради компликации од коронавирусот и тоа е така во сите земји. Затоа треба да се зголеми процентот на вакцинирани граѓани. Веројатно ние сме единствената држава во светот која има 37 отсто вакцинирани, а веројатно 100 отсто од граѓаните поседуваат такви сертификати, потенцира Мехмедовиќ за фалсификуваните сертификати што дел од населението ги користи за влез во моловите и кафулињата.
Тој советува дека е пожелно учениците да се префрлат на онлајн настава бидејќи веќе не е целосно точно дека помладите полесно го прележуваат коронавирусот.