Претставувајќи го својот нов албум „The Bridge“, чиешто излегување беше најавено за петок, познатиот британски музичар Стинг објасни зошто се одлучил за такво име, нагласувајќи дека „мостот е метафора за надминување на неволјите“, пренесе „АФП“.
Според него, „сите бараат мост да одат на друго место, понатаму, на подобро место“.
Новиот албум на Стинг е мешавина од џез, рок и фолк.
Стинг призна дека немал потешкотии да го сними албумот среде карантин и пандемија, бидејќи сè било направено од далечина.
„Не е ништо ново да се снима од далечина. Тапанарот може да биде во Лос Анџелес, јас во Париз и некој друг музичар во Италија. Тајната е да се воспостави еден вид заеднички интимен простор и да има срдечни односи“, изјави Стинг, пренесува Бета.
Стинг беше водач на групата „Полис“, која имаше планетарен успех, по што во 1985 година започна успешна соло кариера.
Со текот на годините, британскиот музичар се осврна и на голем број политички и еколошки прашања, од ослободувањето на Нелсон Мандела до заштитата на дождовната шума во Амазон. Како граѓанин на светот, непријатно го доживеа повлекувањето на Велика Британија од членството во Европската унија (ЕУ). Тој смета дека Лондон на тој начин ги поминал сите мостови со Европа.
„За мене „Брегзит“ е трагедија. Тажен сум за мојата земја“, изјави Стинг.
Според него, на младите Британци им била ускратена можноста „да го доживеат искуството на Европа, што е сосема лудо“.
Тој исто така смета дека политичката атмосфера во Велика Британија се чини дека е многу опасна поради растечките популистички движења.
За „АФП“ зборуваше и за пандемијата, велејќи дека не ја разбира „науката на отфрлање“. Тој додаде дека вакцината ја примил без двоумење.
„Доволно сум возрасен за да се сетам на децата кои имале детска парализа, болест искоренета со вакцина“, рече Стинг.
Покрај албумот „The Bridge“, кој ги открива размислувањата на Стинг за личната загуба, разделбата, заклучувањето и извонредните општествени и политички превирања, авторот од неодамна има веб-телевизиска серија.
Тој симболично ја нарече серијата „On the Bridge“, пренесе „Хина“, а преку неа нуди интимен увид во секојдневието на музичарите додека се подготвува за лансирање на новиот албум, но и концерти на турнеја.
Секој вторник ексклузивно на sting.com објавува нова епизода. Секоја епизода е ексклузивна за членовите на фан клубот 24 часа, а потоа е достапна за пошироката публика следниот ден.