Поранешен министер за култура додека ја извршувал функцијата од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за злоупотреба на службената положба ќе биде кривично гонет соопштија од Државната комисија за спречување на корупција која реши за овој случај да поведе иницијатива до Јавното обвинителство.
Овој предмет до ДКСК бил доставен од Министерството за култура, а по заклучок на седница на Влада одржана а 18 мај годинава. Од Министерството за култура било побарано да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020 година, имајќи предвид дека тие, како што појасни членот на ДКСК Владимир Георгиев, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
– По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 година за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми, појасни Георгиев.
Тој додаде дека ова значи оти уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.
– Но и покрај тоа знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, а треба да се има предвид дека и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради КОВИД 19 буџетот на Министерството е дополнително намален одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари, рече Георгиев.
Сите овие дополнителни договори склучени непосредно по завршување на изборите, како што нагласи, се однесуваат по жалби на апликанти кои или не добиле средства или добиле помалку па со нови договори или решенија добиле други средства.