Синдикатите реагираат: Со навите предложени мерки се кршат основните човекови права

од Берта Китинска
161 прегледи

Вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила,  реагира Сојузот на синдикати на Македонија  во врска со најновите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести.

– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот, стои во реакцијата на ССМ.

Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд од каде добиле одговор дека ваквите однесувања на работодавачите се незаконски.

– Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од Државниот иснпекторат за труд со кое сме информирани дека ваквите однесувања на работодавачите кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен Ковид тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити. ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавачите, се вели во соопштението од ССМ.

И конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагира на најновите мерки.

– Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата, трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права, наведува КСС во реакцијата.

Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат.

Комисијата за заразни болести денеска одлучи да и предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

Слични содржини