Венецуелскиот Национален систем на оркестри за млади и деца – познат како „Ел система“ – го собори Гинисовиот рекорд за најголем оркестар во светот, објави во саботата венецуелската влада.
Пред една недела, 8.573 венецуелски музичари учествуваа во изведба на класична композиција која траеше повеќе од пет минути, со цел да се сруши рекордот поставен од руски оркестар пред две години.
Венецуелскиот министер за информации Фреди Нанез и рускиот амбасадор во Каракас – Сергеј Мелик-Багдасаров им честитаа на музичарите во саботата во говор на државната телевизија.
Експертот за Гинисова книга на рекорди, Сузана Рејес потврди дека венецуелските музичари успешно поставиле нов рекорд по изведбата на „словенскиот“ марш на Пјотр Илич Чајковски.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро покажа сертификат од Гинисовата книга на рекорди, со кој се потврдува дека „Ел система“ со 8.573 музичари во оркестарот го собори рекордот.
Претходниот рекорд го држеше оркестар од Санкт Петербург со 8.097 музичари.
Условите бараат музичарите да свират во исто време без да ја менуваат композицијата или да позајмуваат инструменти на други свирачи.