Хамилтон доминантен во Катар, Алонсо на подиумот по седум години

од Vladimir Zorba
240 прегледи

Британскиот Формула 1 возач Луис Хамилтон забележа победа на трката за Големата награда на Катар, откако заврши пред Макс Верстапен.

Тие двајца ја продолжуваат шампионската трка во која Макс и понатаму е на чело на табелата со осум бода. Покрај Верстапен и Хамилтон, друштво на подиумот им правеше и Фернандо Алонсо.

Четврти беше Серхио Перез, петти заврши Естебан Окон, шести Ленс Строл, а до десеттото место се најдоа и Карлос Саинц, Шарл Леклер, Ландо Норис и Себастијан Фетел.

Луис максимално ја искористи својата пол-позиција, како и тоа што Верстапен беше вратен пет позиции поназад поради казна.

Макс многу брзо го надополни тој „минус“, веќе во раната фаза на трката го извозе најбрзиот круг на трката, но не можеше да го загрози возачот на Мерцедес.

Не се форсираше премногу, бидејќи се задоволи со второто место, додека Хамилтон по трката изјави дека на крајот се било доста „рутински“.

Ова е втора последователна победа за Хамилтон, а до крајот на шампионатот во Формула 1 остануваат уште две трки. Следната ќе се одржи на 5 декември за Големата награда на Саудиска Арабија.

Интересен е податокот дека ова беше вкупно 98-ма трка на која Фернандо Алонсо се искачи на подиумот, а прва по седум години, поради што Шпанецот изрази посебно задоволство.

Слични содржини