Мачно интервју на Солскјер: Со очи полни солзи се прости од Манчестер Јунајтед (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
341 прегледи

Манчестер Јунајтед е во потрага по нов тренер, откако во неделата официјално беше сменет Оле Гунар Солскјер. Клупската легенда не го издржа притисокот по слабите резултати од почетокот на сезоната, а капката што ја прели чашата беше поразот со 4:1 од Ватфорд во саботата.

Солскјер по поразот се приближи до трибината на навивачите на Манчестер Јунајтед, им се извини, а подоцна ги поздрави и уште тогаш изгледаше како да се збогува со нив.

Подоцна беше објавено дека Солскјер ја завршил својата мисија во Манчестер Јунајтед, а даде и проштално интервју за клупската веб-страница, во кое очите му беа полни со солзи.

– Сите знаете колку ми значи овој клуб и колку сакав да успеам овде. Поради клубот, поради навивачите, играчите, стручниот штаб. Сакав да не издигнам на повисоко ниво, да се бориме за титулата, да освојуваме трофеи. Си заминувам и ја оставам вратата отворена затоа што сите знаат дека дадов се од себе за клубот. За мене овој клуб значи се и мислам дека сме перфектна двојка, но за жал не успеав да ги постигнам резултатите што ги сакавме и затоа е време да се повлечам – изјави Солскјер.

Норвежанецот вели дека му било чисто задоволство да работи во Јунајтед.

– Се чувствувам многу, многу горд. Затоа што ова беше остварување на еден од животните соништа. Кога си играч, а потоа тренер на резервниот тим, единственото нешто што сонуваш е следно да го тренираш првиот тим на тој клуб и успеав. Беше апсолутно задоволство од првиот до последниот момент, бидејќи сите овде се феноменални. Некои дојдоа, некои заминаа, но сите заедно беа група со која беше задоволство да се работи.

Тој се надева дека неговиот наследник ќе има добри резултати и истакнува дека ќе има целосна поддршка од него.

– Секако дека ќе продолжам да следам се, на следниот менаџер му посакувам многу среќа, да постигне успех, ќе ја има мојата целосна поддршка. Се надевам дека ги поставив темелите за да се остварат добри резултати бидејќи знам дека сум добар во тоа што го работам. Сто проценти сум сигурен дека можам да направам добра фудбалска средина. Ќе бидам најголемиот фан на Манчестер и им посакувам среќа на играчите, знам дека се многу, многу добри играчи и добри луѓе. Сигурен сум дека ќе ги испакнат градите и ќе тргне напред – заврши Солскјер.

Инаку, главни кандидати, според островските медиуми, за наследник на Солскјер се Маурицио Почетино и Брендан Роџерс.

Се додека „црвените ѓаволи“ не најдат трајно решение, наместо Солскјер, тимот ќе го води уште еден поранешен легендарен играч на оваа екипа – Мајкл Керик.

Слични содржини