„Охрид СОС“:  Најавите на Пецаков се враќање неколку години наназад, кога државата демонстрираше непознавање на значењето на светското наследство

од Берта Китинска
300 прегледи

Најавите на Кирил Пецаков во однос на  препоркаите на УНЕСКО значат враќање неколку години наназад, кога државата демонстрираше комплетно непознавање на значењето на светското наследство и заинтересираност да се подобри состојбата со Охридско Езеро кое е во процес на забрзана деградација, велат во изјава за „Локално“ од граѓанска иницијатива „Охрид СОС“.

-Било какви чекори кои би ги презела новата локална власт во Охрид, не само што ќе бидат исклучително штетни, тие се и незаконски, бидејќи градоначалникот е обврзан со закон да го спроведува Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, посочуваат од „Охрид СОС“.

Оттаму додаваат дека доколку локалната власт и градоначалникот преземат било какви активности кои се косат со обврските кои државата ги презела со потпишувањето на Конвенцијата за светско наследство во тој случај  централната власт ја има можноста да ги одземе ингеренциите од општините за да се спречи носење незаконски одлуки.

Според нив изјавата на охридскиот градоначалник  е крајно неумесна и недолична за лице на така одговорна функција.

-Дали ова значи дека Охрид го добива својот Рамиз Мерко?! Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон Регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе Регионот на раб на губење на статусот  на УНЕСКО. Се враќаме најмалку 6-7 години назад наместо да одиме напред, велат од „Охрид СОС“.

Од таму реагираат на тврдењата на градоначалникот Пецаков дека плажите не се дивоградби оти биле градени по елаборати и проекти со дозвола од Министерството за транспорт и врски, но минатата власт не нашла начин да ги издаде под концесија.

-Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби туку дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид.  Градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 метри, со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите дозволи кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби, велат од граѓанската иницијатива која во изминатиов период беше најгласна по заканите на УНЕСКО и спроведувањето на активностите по нотираните забелешки во Извештајот за зачувување на статусот на светско наследство.

Според „Охрид СОС“ враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема. Договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните 3-4 години кираџиите не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа.

 

Слични содржини