Дури 86 % од граѓаните сметаат дека „Политичарите и елитата често го изневеруваат народот“; 83% дека „Политичарите повеќе зборуваат отколку што преземаат нешто“; и 82% дека „Политичарите коишто тврдат дека ги бранат граѓанските интереси всушност се грижат само за себе“. Ваквите информации произлегуваат од теренската анкета направена врз 1 000 испитаници во јуни на Инстиутот за демократија Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование – ПЦПО.
Генерално, ова значи дека дури осум од десет граѓани во Македонија се разочарани од политичарите.
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацевски за „Локално“ вели дека вака висок процент на разочарани граѓани во политичарите во изминативе 20 години не сме имале, и дека тоа е резултат на интензивното „глодање“ на вербата во институциите, партиите и политичарите.
– Граѓаните се исцрпени од лошото владеење и нискиот капацитет на разно – разните политички елити во изминативе 20 години. Тие се исцрпени и економски, психички, социјално и културно. Граѓаните повеќе не веруваат дека некој може нешто да смени кон подборо. Тоа го чувствуваат и сега, особено околу недоразбирањата со Бугарија, односно со играта на ЕУ за нашето членство во европското семејство. Меѓу народот постои мислење дека со државата владеат кланови, кои пред себе го имаат само материјалниот интерес, а не и државниот. Тоа е перцепцијата на обичниот човек, кој живее од својот труд и кој генерално има ниска плата. Во Македонија речиси 30% од луѓето преживуваат. Нивната верба во оние кои ја менаџираат дражавата е нарушена, пред се затоа што ги погазија основните вредности на едно демократско владеење и живеење, а тоа се слободата, правдата, економската правичност, вели Ацевски.
Професорот Ацевски посочува дека проблемот со паднатиот рејтинг на политичарите има подлабока психолошка природа. Според него, една од причините е и идеолошката непрепознатливост на партиите. Тој прашува „Која е сега идеологијата на СДСМ или, пак, на ВМРО-ДПМНЕ?“
-Граѓаните овие две партии ги доживуваат како натрапници бидејќи кога се на чело на државаа управуваат на суров начин, пред се за да профитираат. Не ги гледаат како претставници на народот кои ја водат државата во просперитет, демократија, слобода, поголемо богатство. Туку, ги доживуваат како група на луѓе кои ги бранат само сопствените интереси и смислуваат тендери и малверзации, се со цел да се доближат до народните пари. „Во кого сега да веруваат. Во Заев, или во Мицкоски“? Првиот го видовме, вториот сега го гледаме и слушаме како нуди нешто ново. Какво е тоа „ново“ кога е опкружен со истите луѓе во кои граѓаните веќе ја изгубиле вербата, дека тие во исто време, можат да бидат чесни и да се бават со политика. Како мала држава ние сме многу ранливи, бидејќи вредностите лесно се урнисуваат а тешко се обновуваат. Жално е што успеавме да урнисаме се што можеше да се урниса во изминативе 30 години. Очекувам, најдоцна напролет процентот на разочарани граѓани во политичарите да стигне и до 90% или 95%. Тоа значи дека девет од десет граѓани нема да им веруваат на политичарите. Таквата статиситика создава мачнина, бидејќи граѓаните почнуваат да препознаваат дека политиката се претворила во бизнис, вели Ацевски.
Ако антеката на Инситутот за демократија се спореди, на пример со анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од минатата година, ќе се забележи дека недоверба кон политичарите вртоглаво расте. Анкетата во која начелно МЦМС ја истражуваше довербата на граѓаните во политичарите и партиите, покажа дека 41,3% од граѓаните немаат доверба во ниту еден политичар, 8,5% одбиле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам”, со што речиси половина (49,8%) од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон актуелната политичка елита.
Дека анкетите не им одат во прилог на политичарите покажа и глобалната анкета на „Ипсос“. Според оваа анкета во последните години, луѓето најмногу им веруваат на докторите, потоа следат научниците и наставниците. Политичарите и министрите се наоѓаат на дното на листата. Анкета е спроведени од 23 април до 7 мај годинава врз 20.000 возрасни лица од 28 земји.
И додека рејтингот на македонските политичари вртоглаво паѓа, а тие си тераат по свое, покажуваат и случувањата во Собранието. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски обидувајќи се да го сруши мнозинството предводено од СДСМ и Зоран Заев, иако на хартија покажа 61 потпис, не успеа во обидот. Ја обвини власта за притисок врз пратениците. Од СДСМ и коалицијата возвратија дека Мицкоски лаже и дека не тие, туку ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува пратениците.
Разврската околу мнозинството се очекуваше денеска кога Алтернатива конечно требаше да пресече, дали ќе стане власт или, пак, ќе остане опозиција.
СДСМ ги одложи закажаните состаноци на Извршниот и на Централниот одбор на кој претседателот на партијата Зоран Заев требаше да поднесе оставка, поради деновите на жалост и несреќата што се случи во Бугарија кога во македонски автобус изгореа 46 патници, а неколкумина беа повредени.
И политичката партија Алтернатива ја откажа седницата на Централното претседателство која беше закажана за денеска, а на која се очекуваше партијата да дискутира и да одлучи дали ќе се приклучи кон парламентарното мнозинство и ќе влезе во Владата. Од ДУИ велат дека како партија очекуваат премиерот Зоран Заев да продолжи да ја води Владата.
Во целата оваа рашомонијада во која опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се надева дека ќе ја сруши Владата на Заев, шефот на државата Стево Пендаровски посочи дека легитимно е после изгласување на недоверба на владата, мандатот да се даде на партијата која е следна по број на гласови, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
-Доколку изгласаа недоверба на владата и притоа имаа и 61 пратеник за втората фаза а тоа е избирање на нова влада, ќе беше доволен еден телефонски повик од лидерот на најголемата опозициска партија и тука немаше дилеми. Уставот не остава маневарски простор да се мисли. Уставот вели дека мандатот мора да се даде на оние кои го имаат мнозинството, рече Пендаровски.
Инаку истражувањето на јавното мислење насловено како „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“, на Институтот за демкратија, се фокусира на ставовите на граѓаните на теми поврзани со политиката и демократијата во државата, меѓу кои и влијанието на општествената побарувачка за популистички лидери и политики во Република Северна Македонија. Анкетата целосно ќе биде објавена деновиве.
Б.Т.