Српскиот државјанин од запалениот автобус: Се слушна експлозија, го скршив прозорецот со чекан

од Nikola Popovski
550 прегледи

Љуљзим Сулејмани (26), српскиот државјанин од Прешево, кој ја преживеа несреќата на автопатот во Бугарија, во која загинаа 45 лица, рече дека прво слушнал тресок, а потоа експлозија, која најверојатно дошла од гумите, по што настанал пожарот, кој брзо се раширил од предниот дел на автобусот.

-Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови, вели Сулејмани за ТВ Клан.

Тој додава бил буден кога се случила несреќата и дека се спасил кршејќи го прозорецот од автобусот со чекан, низ кој заедно со неговата вереница Медина Луфтиу (25) од Куманово успеале да побегнат, по што успеал да спаси уште пет лица.

Потсетуваме, несреќата се случи ноќта меѓу понеделникот и вторникот, околу три часот по полноќ, кога автобус со македонски регистарски таблички на компанијата „Беса Транс“ нагло свртел, ја пробил банкината на автопатот Струма и се запалил.

Во несреќата загинаа 45 од 52 патници во автобусот. Меѓу нив има 12 деца, а најмладите жртви се четиригодишни близнаци. Најголем дел од загинатите се од Македонија, потврди премиерот Зоран Заев.

На списокот на повредени се шест возрасни и една 17-годишна девојка. Сите имаат изгореници, едно лице има и скршеница на бутната коска, но сите се надвор од животна опасност и се очекува да закрепнат, соопштија бугарските лекари.

Слични содржини