Царинската управа вечерва информираше дека суспендирала двајца царински службеници кои биле на смена кога автобусот на „Беса Транс“ излегол од државата, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање.
-За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува.
Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници елелектронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници, стои во соопштението на Царината.
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфи Хусеини вечерва потенцира дека неговиот инспекторат нема постојан престој на границата.
-Ние одиме по месечен план. Според Законот за превоз во патниот сообраќај, Царината има овластувања на граничните премини да врши надзори и да ги контролира лиценците и изводите. Царинската управа е виновна за овој случај. Ние не знаевме колку автобуси има компанијата и со колку ќе оди, рече Хусеини.
Од Министерството за транспорт соопштија дека конкретниот автобус не поседувал извод од лиценца за мешународен превоз на патници ниту за каков друг јавен превоз на патници, поради што на компанијата и е одземена лиценцата за работа.