Двајца цариници и раководител не го евидентирале излезот на автобусот од државата

од Берта Китинска
224 прегледи

Државниот инспекторат за транспорт извршил 4 контролни надзори на компанијата „Беса Транс“ во текот на 2021 година. Контролите се извршени на 1 или 2 автобуси кои имале лиценца. За секој автобус имало извод на лиценца, а за овој автобус не бил затекнат, вели директорот на Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ), Руфи Хусеини во емисијата „24 анализа“.

Тој информира дека контролите на компанијата биле поради ковид-протоколите и тие претежно се фокусирале на тие прекршоци.

-Немало пропуст. ДИТ нема постојан престој на границата. Ние одиме по месечен план. Според Законот за превоз во патниот сообраќај, Царината има овластувања на граничните премини да врши надзори и да ги контролира лиценците и изводите. Царинската управа е виновна за овој случај. Ние не знаевме колку автобуси има компанијата и со колку ќе оди, рече Хусеини.

Царинската управа соопшти дека по извршените проверки, утврдено е дека не било воопшто евидентирано дека автобусот на „Беса транс“, кој изгоре во страотна несреќа на автопат во Бугарија, ја напуштил државата. Двајца цариници се суспендирани поради неправилно постапување.

„Во врска со информациите изнесени во јавноста во однос на надлежностите на Царинската управа на Република Северна Македонија при контрола на влез и излез на возила и превозници кои вршат меѓународен слободен превоз на патници, како и за постапувањето по конкретниот случај, ве информираме за следното:

Согласно член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај,  во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има: извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби.

Врз основа на овие приложени документи, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Република Северна Македонија, во зависност од релацијата на превозот.

За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе  преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува.

Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници.

За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, се вели во соопштението.

За денеска бугарските истражни органи најавија обраќање со првични резултати од истрагата за автобуската несреќа, објави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук – профил.

Слични содржини