27 мигранти се удавија во Ла Манш, каналот станува гробница (ВИДЕО)

од Milan1
304 прегледи

Британскиот и францускиот лидер вчера меѓусобно се обвинија откако 27 мигранти се удавија во каналот „Ла Манш“ во обид да стигнат до Британија, во најтешката несреќа во која загинале мигранти, што се случила во каналот меѓу Франција и Британија.

Ла Манш или Англиски канал, како што го нарекуваат Британците, е една од најфреквентните бродски рути, а струите во него се силни.

Шверцерите обично ги преоптоваруваат гумените чамци, оставајќи ги луѓето на милоста на брановите додека се обидуваат да стигнат до британските брегови.

Уапсени четворица

Франција претходно објави дека животот го загубиле 31 мигрант, а подоцна таа бројка е ревидирана на 27.

Двајца мигранти се во критична состојба во болница со тешка хипотермија, рече Дарманин.

Француската полиција уапси четворица шверцери на лица осомничени дека се вмешани во инцидентот. Според францускиот министер, засега не се познати идентитетот и националноста на мигрантите.

Францускиот претседател Макрон изјави дека на европската гранична агенција Фронтекс и треба повеќе средства за заштита на надворешните граници на ЕУ.

Повторната контрола на британските граници беше една од најважните точки за поддржувачите на Брегзит пред референдумот во 2016 година за британското членство во Европската унија, а приливот на мигранти, иако релативно мал во апсолутни бројки, е горливо прашање меѓу Лондон и Париз.

Велика Британија во последните недели ги обвини француските власти дека не прават ништо додека илјадници мигранти ги напуштаат своите брегови. Франција ги негира таквите наводи.

Каналот станува гробница

– Франција нема да дозволи Каналот да стане гробница. Европа тагува вечерва, изјави францускиот претседател Макрон.

Повеќе мигранти го напуштија францускиот брег од вообичаено во средата, сакајќи да ги искористат мирните води на морето, велат локалните рибари, иако водата е екстремно студена.
Вчера, нешто пред полноќ, Кабинетот на британскиот премиер излезе со соопштение во кое се наведува дека во текот на вечерта Борис Џонсон телефонски разговарал со францускиот претседател за трагедијата во Ла Манш.

Во соопштението од кабинетот на Џонсон се вели дека британскиот премиер и Макрон се договориле „да направат се што е можно за да ги спречат бандите одговорни за загрозување на животите на луѓето“.

Кој е виновен

Според извештајот на Ројтерс, Макрон му рекол на Џонсон во телефонски разговор дека проблемот со мигрантите не треба да се користи за политички цели, а британскиот премиер забележал дека Франција не му пристапила на прашањето „соодветно“ и дека „шверцерските банди буквално убиваат, при што остануваат неказнети. Макрон возвратил дека двете земји имаат заедничка одговорност и дека очекува целосна британска соработка, повикувајќи го Лондон да не ја користи оваа најнова трагедија за политички цели.

Француската влада денеска треба да одржи вонредна седница на која ќе се разговара за следните чекори.

Слични содржини