Манчестер Сити славеше против ПСЖ на својот „Етихад“ со 2-1. Парижаните поведоа со голот на Килијан Мбапе, а потоа Сити направи пресврт преку Рахим Стерлинг во 63. минута и Габриел Жесус во 76. минута.
Со оглед на тоа што нападот на ПСЖ го предводат Меси, Нејмар и Мбапе, францускиот клуб е еден од најголемите фаворити за освојување на Лигата на шампионите. Но, по синоќешното слабо издание, ПСЖ наиде на голем број критики, а меѓу критичарите беше и поранешниот играч на Реал Мадрид, Холанѓанецот Рафаел ван дер Варт.
„Меси се шета. Си мислам, како не му е срам? Зарем не е срамно за соиграчите? Одиш во круг и сите поминуваат покрај тебе. Почнувам да се нервирам поради тоа. Се започна со Куман, како да не му се работи, а тоа не е нормално за таков играч“, изјави Холанѓанецот во анализата на натпреварот.
Ван дер Варт ги спореди Меси и Роналдо. „Погледнете ги игрите на Кристијано Роналдо. Знам дека се работи за двајца сосема различни играчи, но Роналдо се мачи и сака да го подигне тимот на ново ниво“, изјави поранешниот фудбалер.
По вчерашната победа, Сити е прв во групата А со вкупно 12 бода од пет одиграни натпревари. ПСЖ е на второто место со осум бодови. Следуваат РБ Лајпциг и Клуб Бриж со четири бода.