Русија: Никој не преживеа, бројот на жртви во сибирскиот рудник се искачи на 52

од Nikola Popovski
437 прегледи

Бројот на загинати во несреќата во сибирскиот рудник се искачи на 52, пренесоа руските новински агенции, повикувајќи се на итните служби.

„Според првичните информации, никој во рудникот не преживеал. Загинаа 52 лица“, изјави извор цитиран од официјалната агенција ТАСС.

Соопштението го пренесоа агенциите РИА Новости и Интерфакс, прецизирајќи дека меѓу загинатите има 46 рудари и 6 спасувачи.

Локално истражно тело отвори истрага за „прекршување на безбедносните стандарди“ и во текот на вечерта објави дека се уапсени директорот на рудникот, неговиот заменик и одговорните за областа каде што се случила несреќата.

„Тоа е огромна трагедија“, рече претседателот Владимир Путин во телевизиско обраќање, оддавајќи им почит на службите за итни случаи, кои „дадоа се од себе“.

Властите соопштија дека околу 8 часот добиле пријава за чад во рудникот Листвијајнаја во градот Грамотејно, во сибирскиот регион Кемерово, каде што се наоѓаат бројни рудници за јаглен.

Според локалната новинска служба, во моментот на несреќата во рудникот имало 285 лица. Засега не се познати причините за инцидентот.

Рудникот е во сопственост на СДС-Угол, еден од најголемите руски производители на јаглен.

Несреќите во руските рудници често се поврзуваат со непочитување на безбедносните стандарди, лошо управување или застарена опрема од советската ера.

Во мај 2010 година, 91 лице загинаа, а повеќе од сто беа повредени во рудникот Распадскаја, исто така во Кемерово.

Во октомври 2019 година, при пукање на брана во рудник за злато во Сибир , загинаа 17 луѓе.

Покрај човечките загуби, некои несреќи покажуваат дека начинот на рударство во Русија често предизвикува штета на животната средина.

Слични содржини