Нов проект во Ново Село: На местото на депонијата ќе никне парк

од Берта Китинска
392 прегледи

На местото на депонијата во Ново Село според најавите на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ќе никне нов парк со содржини за рекреација.

– Активностите на терен ќе продолжат и во следниот период, иако траат веќе подолго време. Планираме да засадиме дрвца и да обезбедиме услови за спортско-рекреативен живот. Целта е да го заживееме просторот и од депонија да го претвориме во место за  социјализација на локалното население, рече Стојкоски денеска во Утрински брифинг.

Површината на сметиштето е околу 6,6 хектари, дел од ѓубрето се пренесува во Дрисла, додека чистата земја се користи за да се порамни површината.

Според градоначалникот поголем предизвик од самото чистење, ќе биде одржувањето на депонијата.

– Ќе има засилени инспекциски контроли од страна на инспекциските служби и комуналните редари. Ќе бидеме многу ригорозни во делот на санкционирање за сите кои ќе се обидат повторно да депонираат смет од различен карактер. Ќе бидат поставени и надзорни камери, а апелирам и до локалното  население да ни помогне при детектирање на сторителите, со видео и фото материјали, по што ние ќе постапиме во координација со полициската станица Ѓорче Петров. Бидејќи ние не можеме толку да исчистиме колку што можат несовесните граѓани да депонираат отпад, додава Стојкоски.