Со инаугурацијата на новоизбраната претседателка Сандра Мејсон, прва во својата историја, малиот карипски остров Барбадос точно на полноќ по локално време стана република, прекинувајќи ги последните врски со Велика Британија по четири века колонијално потчинување.
Новата република се роди со последниот ритам на полноќ, односно 5 часот по средноевропско време, откако беше спуштено британското кралско знаме и подигнато претседателското знаме на преполниот плоштад на хероите во Бриџтаун.
На последната транзиција на тој остров на рајски плажи и рум од монархијата во републиката присуствуваше и принцот Чарлс, британскиот престолонаследник.
Отфрлањето на Елизабета Втора, на која и останаа уште 15 кралства, вклучувајќи ги Британија, Австралија, Канада и Јамајка, Барбадос го гледа како последна фаза во процесот на ослободување на демоните од нивното колонијално минато.
По раскошната музичко-сценска програма надополнета со говори во чест на крајот на колонијализмот, во сенка на зградата на парламентот, Сандра Мејсон ја презеде функцијата како прв претседател на Барбадос.
Раѓањето на републиката, точно на 55-годишнината од прогласувањето на независноста, ги прекинува практично сите колонијални врски што го држеа тој мал остров подреден на британската монархија откако англиски брод го присвои во 1625 година како крал Џејмс први.