Во однос на тоа дали менаџментот и компаниите бараат задолжителна вакцинација на населението, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски вели дека прв приоритет како било која мерка е справувањето со пандемијата и дека има мала дилема.
-Како човек и родител можам да кажам мој став во однос на задолжителната вакцинација. Јас лично прележав и се вакцинирав. Мојот најстар 14-годишен син по негова желба прими две дози. Апсолутен приоритет е заштитата на луѓето, меѓутоа сите мерки што ќе придонесат стравовите и последиците врз економијата да се намалат, се нешто што треба да се разгледа. Различни практики се применети во светот. Австрија прибегна кон ригорозни мерки, повторно имаме локдаун таму. Бројките во соседството исто така не се сјајни, смета Деспотовски во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Според него, во Македонија, во целата несреќа, граѓаните и општеството се покажале доста одговорни во тој дел.
-Споредено со бројките во соседството, нивото на одговорност кај нас кон целата ситуација е доста повисоко и треба да се земе во предвид, додаде Деспотовски.