САД денеска изјавија дека имаат „докази“ кои покажуваат дека Русија планира „значителна агресивна акција против Украина“ и ветија дека Москва ќе плати „висока цена“ доколку го стори тоа.
„Многу сме загрижени поради доказите за плановите на Русија за значителна агресивна акција против Украина, планови кои вклучуваат напори за дестабилизација на Украина одвнатре, како и големи воени операции“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен на крајот од Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига.
Тој ја обвини Москва дека собрала дополнителни десетици илјади војници во близина на границата.
„Не знаеме дали претседателот Путин донесе одлука за инвазија. Знаеме дека во тек е градење на капацитети за да може брзо да го стори тоа ако така одлучи“, рече Блинкен.
Тој посочи дека дипломатијата е единствениот начин за решавање на оваа потенцијална криза во пресрет на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров утре во Шведска.
Сепак, Блинкен предупреди дека секоја агресија од Москва ќе има „длабоки и трајни последици“.
„Јасно му кажавме на Кремљ дека ќе одговориме, особено со низа економски мерки со големо влијание, мерки кои досега се воздржувавме од усвојување“, рече шефот на американската дипломатија.
Тој исто така рече дека сојузниците во НАТО „се погрижуваат Украина да има средства да се брани“.
Алијансата ќе размисли што треба да направи во случај на нова руска агресија за зајакнување на сопствената одбрана како дел од зајакнувањето на силите на нејзиното источно крило.
Москва, која го анектираше Крим во 2014 година и е обвинета за поддршка на сепаратистите во источна Украина, остро негира дека подготвува напад и го обвинува НАТО дека ги подгрева тензиите.
Москва денеска ја обвини Украина дека собрала десетици илјади војници на истокот на земјата, додека вознемиреноста од можна ескалација на тој конфликт расте. Денеска и украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на директни разговори со Москва.