Бугарскиот претседател Румен Радев разговарал во Стразбур со неговиот француски колега Емануел Макрон.
Двајцата зборувале за прашањата за билатералните односи, за пристапувањето на Бугарија во Шенген зона, како и за европската перспектива на Република Северна Македонија, пренесоа бугарските медиуми.
Според нив, Радев истакнал дека Бугарија ги исполни техничките критериуми за членство во Шенген во 2011 година и очекува тоа да биде признаено од европските партнери.
-Претседателот Макрон изрази принципиелна поддршка за позицијата на Бугарија. Радев посочи дека Бугарија очекува конкретни резултати во билатералниот дијалог со Република Северна Македонија, кои ќе ги гарантираат европските вредности во почитувањето на човековите права и прекинот на говорот на омраза, стои во соопштението од Кабинетот на бугарскиот претседател.
Претходно Радев се сретнал со Франк-Валтер Штајнмаер, на средба на која биле разменети мислења за безбедносната средина во соседните региони на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Шефот на бугарската држава како што пренесува БНТ изразил очекување од Бугарија за активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.