Поранешниот пратеник и граѓански активист, Павле Богоевски реагираше на одлуката на градоначалничката Данела Арсовска, сепак да го украси градот Скопје за Нова година. Според него, преку ова се важни две работи.
-Паралелно со бесплатното украсување, Град Скопје објави јавен повик за новогодишен базар Винтерленд, за кој градот ќе обезбеди средства. Ова е директно спротивно на ветувањето на Данела дека „нема да троши пари на граѓаните за Нова Година во време на криза“. Ништо не е бесплатно во политиката. Во каква форма ќе ни биде испорачана оваа сметка, допрва ќе видиме, смета Богоевски.
Според него, „добро е што барем Арсовска не се однесуваше арогантно со новинарите“.
-Можеби дека објавата ја направи преку видео на фб, повторно и целосно игнорирајќи ги, ама тоа изгледа е помалку важно во приказнава, се вели во објавата на Богоевски.
На повикот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, до компаниите да покажат општествена одговорност за време на здравствено-економска и енергетска криза, се јавиле компании заинтересирани да помогнат.
„Ова е време кога треба да се менуваат работите, кога треба да покажеме дека заедно можеме повеќе за нашиот град. На мојот повик се јавија компании кои ја покажаа својата општествена одговорност, а една од нив најави дека ќе го украси градот Скопје за Нова Година без финансиски импликации по градот„ изјави градоначалничката Арсовска по средбата со компанијата Линк Медиа.