Малезиски гинеколог го создаде првиот унисекс кондом кој може да го користат и мажи и жени и е направен од материјал кој вообичаено се користи за покривање на повреди и рани во болниците.
Неговиот пронаоѓач се надева дека унисекс кондомот „Vondaleaf“ ќе ги поттикне луѓето да преземат подобра контрола над своето сексуално здравје, без оглед на нивниот пол или сексуална ориентација.
„Во суштина тоа е обичен кондом со леплива обвивка“, вели Џон Танг Инг Чин, гинеколог во фирмата за медицинска опрема, „Twin Catalyst“.
Лепилото се нанесува само на едната страна од кондомот, додаде тој, што значи дека може да се преврти и користи од кој било пол. Секоја кутија содржи два кондоми и ќе чини три евра.
Просечната цена за десетина кондоми во Малезија е 20-40 рингити (помеѓу 4,11 и 8,61 евра). Танг прави кондоми од полиуретан, материјал кој се користи во проѕирните преврски за рани кој е тенок и флексибилен, но и цврст и водоотпорен.
Танг објасни дека „Vondaleaf“ поминал низ неколку рунди на клиничко истражување и тестирање и ќе биде комерцијално достапен преку веб-страницата на компанијата овој декември.
„Врз основа на бројот на клинички испитувања што ги спроведовме, јас сум прилично оптимист дека со текот на времето тоа ќе биде значаен додаток на многу контрацептивни методи кои се користат за спречување на несакана бременост и сексуално преносливи болести“, рече Танг.