Лазовски: Нема потреба од зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ, тоа ќе ја намали конкуренцијата на македонската економија и ќе го дестимулира извозот 

од Vladimir Zorba
897 прегледи

Зголемувањето на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од сегашните два милиони денари на три милиони денари за дел од даночниците е неприфатлив предлог. Даночниот експерт Славко Лазовски во интервју за „Локално“ вели: „Ако предлагате зголемување на висината на прагот, вие тогаш  се движите во погрешна насока. Кога предлагате, после 20 години примена на ДДВ, зголемување на висината на прагот, признавате дека даночното тело недоволно сте го подготвиле да се справи  со предизвиците на ДДВ.

Според Лазовски доколку се усвои ваквата измена, свесно се намалува меѓународната конкурентност на македонската економија односно најдиректно се кочат фирмите  за поголем извоз.

„Со повисокиот праг ќе исфрлите отприлика 3.000 до 5.000 фирми од системот на ДДВ и нив ги правите спори, тешки и обременети со т.н. ,,налегнат“ данок. Колку повеќе имате фирми надвор од системот на ДДВ, толку повеќе ја намалувате конкурентската способност на националната економија“, објаснува Лазовски.

Ако се знае дека единствената цел на даноците се економски раст и развој, тогаш вели Лазовски прагот од три милиони денари треба да биде само за физичките лица а за правните лица да остане прагот од два милиони денари.

Една од клучните измени е зголемувањето на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од сегашните два милиони денари на  три милиони денари. Како го коментирате ваквиот предлог?

-Кога зборуваме за прагот за регистрација за целите на ДДВ се поставуваат две клучни прашања: неговата висина и неговата оправданост. Малку земји се без праг, а Кина, пак, има два прага. ДДВ може без праг, исто како што и другите видови  даноци немаат праг. Прагот  е повеќе административен инструмент  за да се олесни работењето на даночното тело (кај нас УЈП), бидејќи  со ДДВ,  дел од административниот товар се префрлува од даночните обврзници на даночното тело, на едно место и врз професионалци. Тоа е еден од позначајните елементи на супериорноста на ДДВ. Несомнено дека прагот   е корисен, но во која висина?  Токму  висината на прагот е вистинското прашање околу кое се кршат копјата. Прашањето на висината на прагот особено  е изострено на самиот почеток на примена на ДДВ.  Потоа, тоа станува порелаксирано прашање.  Оттука мое мислење дека нема сериозна потреба за менување на висината на прагот, а веднаш  да спомнам дека сум против  неговото зголемување.

Прво, сите земји на почетокот на примената на ДДВ,  поради претпазливоста да не се доведат во ситуација  нивното даночно тело да не успее да се справи со зголемените одговорности, вообичаено и сосема нормално, одредуват  нешто повисок праг. Истото го направи и Македонија. Доби високи оценки за успешното воведување на ДДВ, а највисоки за текот на подготовките, во кои беа вклучени сите заинтересирани страни. Тоа беше најубавиот пример за тоа  како треба да се донесуваат законите.

Второ, по почетно успешно воведување и повеќегодишното успешно практикување, за очекување е висината на прагот  да се намалува. Тоа е нормалниот процес, затоа што тоа е потврда на успешноста во совладување на сите тешкотии во примената на ДДВ. Ако предложувате зголемување на висината на прагот, вие тогаш  се движите во погрешна насока.

Трето, кога предлагате, после 20 години примена на ДДВ, зголемување на висината на прагот, признавате дека даночното тело недоволно сте го подготвиле да се справи  со предизвиците на ДДВ. Тоа не е потврда дека ДДВ е лош данок, туку потврда дека даночното тело е недоволно способно и дека  недоволно сте вложиле во неговото квалитетно подигање.

Четврто, кои се последиците од повисокиот праг? Свесно ја намалувате меѓународната конкурентност на македонската економија, најдиректно ги кочите фирмите  за поголем извоз. Што во суштина ќе се случи  во Македонија? Со повисокиот праг ќе исфрлите, отприлика, 3.000 до 5.000 фирми од системот на ДДВ и нив ги правите спори, тешки и обременети со т.н. ,,налегнат“ данок. Тоа практично значи како да им ги поткаструвате крилцата на фирмите и тоа на сите фирми, не само на овие кои нема да влезат во системот на ДДВ. Колку повеќе имате фирми надвор од системот на ДДВ, толку повеќе ја намалувате конкурентската способност на националната економија. Толку имате повеќе фирми со ,,налегнат“ данок и можностите  за пренесување на тој неисчистен товар се поголеми.  На ДДВ не му давате шанса  фирмите да ги растерети од влезните даноци. Сите земји се трудат тоа да го прават во поголем обем и  во поширок опфат.  Ако брзо им го вратите данокот и  им го  вратите во  поголем обем отколку што платиле данок, тоа е како да им давате извозни стимулации. ЕУ се повеќе внимава да не се случуваат овие прикриени извозни  стимулации.  А ние со подигање на прагот внесуваме извозни  дестимулаци.  Колку повеќе фирми имате надвор од системот на ДДВ толку ги лишувате од главното дејство на ДДВ, а тоа е развојната улога. Ако сите фирми  ги ,,исфрлиме “ од ДДВ и  да се вратиме на стариот систем, извозот веднаш ќе падне. Многумина ќе речат тоа не е можно. Но, не е така. Ако имате долга листа на добра и услуги за кои не се остварува правото на одбивка (види член 35 – навистина е предолга листата) и  ако  не водите сметка за  даночниот третман на меѓупросторот, тоа е можно.

Еве пример за тоа што станува во меѓупросторот: Доброто тргнува од Скопје и треба да заврши во Берлин. Во својот извозен пат поминува низ три даночни растојанија. Првото растојание  од Скопје до Табановце (тука нашиот даночен суеринитет е непрокосновен – се остварува правото на ослободување од македонскиот ДДВ). Второто подрачје – меѓупросторот меѓу Табановце и Хоргош, тука е ,,скриената“ битка за даночниот товар, ослободување од ДДВ или враќање на  ДДВ и во кој обем? Третото растојание: Хоргош- Берлин, тоа е веќе прашање на германскиот  ДДВ. При увозот сè е обратно. Така што овие прашања не се за потценување, имајќи во предвид дека како расте економијата, добиваат на значење.

Но, имам разбирање за одредни административни тешкотии, па мојот  предлог е прагот од 3.000.000 денари  нека биде само за физички лица, а за правните лица да си остане прагот од 2.000.000 денари. Затоа погоре ја спомнав Кина, па не би било лоша да  заличиме барем  малку на Кина, барем до влезот во ЕУ.

Со измените се предлагаат и вредносни ваучери. Што ќе значи тоа за прометот на добра и услуги?

-Прифатливо ми е воведувањето на вредносните ваучери. Тоа  е само потврда дека нема граници во инвентивноста на учесниците во прометот на добра и услуги.  На таа инвентивност  мора да се  одговори со збогатување на решенијата во даночната регулатива, како што е така, впрочем,  во целокупната  даночната историја. Иновации се  редат, а даночниците наоѓаат решенија и  за нив.

Кои други измени според Вас требаше да ги претрпи овој закон? Што ќе донесат измените од аспект на државната каса?

-Даночната материја  е динамична како и многу  други. Се повеќе сме убедени  дека повеќе не важи правилото дека промените во  даноците треба да се последни во промените на целокупниот економско-политичкиот систем.Сепак, најдобро  е, при секоја измена прво да погледнеме во регулативата на ЕУ. Едно  е клучно, при креирање на измените во даноците да водиме сметка како тие се одрзуваат на економскиот раст и развој. Тоа мора да биде приоритет и на даноците. Даноците имаат единствена цел – економскиот раст и развој.

Еве ги моите размислувања.

1.Посебна шема на оданочување на малите фармери. Тие би биле влучени во системот на ДДВ со помал административен товар, но со право на одбивка на ДДВ за набавените машини и опрема за основната обработка во земјоделството.

2.Намалување на Листата на ослободувањата и Листата со намалената стапка. Да не заборавиме дека ДДВ е општ потрошувачки данок на прометот на добрата и услугите.

3.Враќање на македонскиот ДДВ на странските туристи,  со тоа да престане  членот 25 да биде мртов член во Законот.

4.Скратување на рокот на плаќање, но и одредување на рок за враќање на ДДВ, без условување  претходно да се изврши контрола. Брзината на ДДВ му  е иманентна и тој мора да биде навистина брз и едноставен. Ова посебно во мали и неразвиени  земји, ова мора да стане нивна предност.

5.Заштита на интересот на нашите фирми во системот на ДДВ при извршување на промет кон дипломоматско-конзуларните преставништва и меѓународните организации и  истите  да го оставарат даночното ослободување (или враќање на ДВВ), побрзо и на полесен начин отколку кога набавките  ги направат во Солун, Софија или Белград.

6.Превозниците во меѓународниот патен сообраќај да го остварат правото на одбивка при набавка на висококвалитетни автобуси. За жал на потребата од ова решение  укажуваат и последните големи несреќи во патниот сообраќај  со голем број жртви.

Неодамна говоревте дека во системот на ДДВ треба да се вратат нотарите кои веке долго време се ослободени од плаќање на ДДВ.

-Да. За мене тука нема никаква дилема. ДДВ е општ потрошувачки данок и ниту еден промет на било кое добро или на било која услуга, не треба да биде ослободен. ДДВ е токму тука супериорен,  во оданочувањето на сите промети и сите услуги.Токму системот на ДДВ ја промовираше дефиницијата: ,,Сè што не е промет на добро е промет на  услуга“, па секој надомест е оданочлив, без разлика дали е надомест на прометот на добро или на промет на услуга.

Нема никакво оправдување и понатаму услугите на нотарите  да бидат  ослободени од  ДДВ. Одлуката на Уставниот суд за нивно ослободување од ДДВ беше донесена во времето кога немаше нотари во сите општини, па оданочувањето на нотарските услуги со ДДВ, создаваше дополнителна нееднаквост меѓу граѓаните. Сега кога нотарските услуги им се достапни на граѓаните во сите општини, нема оправдување за неоданочувањето на нотарските услуги.

К.В.С.

Слични содржини