Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска најави дека е можно проширување на листата на прехранбени артикли, за кои ќе се носи одлука за замрзнување на цените.
-Претходната година кога носевме ваква одлука, генерално немаше негативно влијание врз економијата. Можеби имаше намалување на профитите на одредени сектори, но луѓе не изгубија работа и немаше компании што го намалија производството. Ние внимаваме на сите параметри кога носиме вакви одлуки. Наредната недека ги очекуваме податоците за месец ноември. Ако има дополнително зголемување, ќе се прошири листата на производи. Ова се прави се со цел во вакви кризи, да не ги зголемуваме профитите на товар на граѓаните, информира Бектеши.
Владата вчера донесе ддлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Со оваа одлука се определуваат највисоки цени во трговијата на големо и трговијата на мало на основните прехранбени производи, и тоа за: леб; шеќер; брашно – тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо и сувомеснати производи; и сирење и урда.