„Свети Климент Охридски е човек, кој со своето цивилизациско дело, кириличната азбука, се запишал со златни букви во словенскиот свет, но и во европската и светска духовна и културна ризница. Тој е еден од најголемите и најдостојните ученици на светите Кирил и Методиј кој целиот свој живот го посветил на продолжувањето и ширењето на нивната работа“, напиша претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката по повод државниот празник.
„Како верен и доследен ученик на словенските просветители поминал макотрпен пат исполнет со премрежија и прогони, пат кој го издигна во еден од најголемите просветители. Неговото дело како факел носеше светлина за целиот словенски род. Македонија е особено горда на неспорниот факт дека просветителскиот бран кој го понесе светиот Климент Охридски почна од Охрид, од Македонија и преку бројните преведени книги и учители кои произлегле од Охридската школа, се проширил во светот“, додава тој.