Шолц положи заклетва: Новиот канцелар на Германија поздравен со громогласен аплауз

од Vladimir Zorba

Олаф Шолц е новиот канцелар на Германија. Наследникот на Ангела Меркел денеска положи заклетва, откако претходно беше избран за канцелар од 395 пратеници.

По заклетвата, Шолц доби громогласен аплауз во парламентот.

Шолц ќе ја предводи трипартитната владејачка коалиција на федерално ниво, заедно со Зелените кои ги поддржуваат трошоците и фискално конзервативната Партија на слободата (ФДП).

Светските медиуми пишуваат дека Шолц е искусен преговарач и ветеран политичар кој како генерален секретар на Социјалдемократската партија од 2002 до 2004 година ги бранеше контроверзните реформи на пазарот на трудот и кратењата на социјалната заштита во времето на поранешниот канцелар Герхард Шредер.

Како министер за труд, од 2007 до 2009 година, во првата коалициска влада на Меркел, тој се залагаше за шема за работа со скратено работно време што помогна да се зачуваат работните места на милиони работници по глобалната финансиска криза.

Откако беше градоначалник на северниот пристанишен град Хамбург од 2011 до 2018 година, Шолц се врати во Берлин како министер за финансии во владата на канцеларката Меркел, укинувајќи ја целта за балансирање на буџетот и овозможувајќи рекордно ново задолжување за заштита на компаниите и вработените од влијание на пандемијата на коронавирус .

На европско ниво, тој тесно соработуваше со Франција и ја убеди Меркел да го поддржи Европскиот фонд за закрепнување вреден 800 милијарди евра, во обид да им помогне на земјите-членки најтешко погодени од пандемијата.

„Дојче веле“ пишува дека станува збор за човек кој има големо искуство на водечки политички позиции, но дека му недостига харизма, како и дека овој „тврдоглав и трезен прагматичар честопати бил потценуван“.

Според „ДВ“, Шолц со месеци бил јавно исмејуван поради начинот на кој ја водел предизборната кампања, а изгледало речиси лудо кога, како што тврди „ДВ“, неуморно повторувал дека е убеден во победата и тврдел дека тој ќе биде идниот канцелар.

– Но стоичката упорност во таа кампања, која ја водеше без да внимава на потсмевот, веројатно е клучот за успехот на идниот германски канцелар – се наведува во анализата.

Шолц минуваше преку поразите без кукање и секогаш продолжуваше понатаму, а според ДВ, тоа се принципите до кои се придржува Олаф Шолц.

Роден е во Оснабрик во 1958 година, а веќе неколку години живее во Потсдам во близина на Берлин со сопругата Брит Ернст, министерка за образование во Бранденбург.

За Шолц велат дека е многу самоуверен, а во неговата неколкудецениска политичка кариера доживеал неколку пресврти, но ниту еден не успеа да го поколеба. Се додава дека тивко и упорно ја градел својата кариера, како и дека не е човек кој покажува емоции, ниту е екстровертен.

Тој се соочува со големи предизвици од пандемијата, преку нови задолжувања, но и многу други предизвици на политички план.

Слични содржини