Бугарија си останува на ставот и не го повлекува ветото

од Берта Китинска
292 прегледи

Бугарија нема да го промени ставот за Северна Македонија до крајот на годината и нема да ја одобри преговарачка рамка за земјата со ЕУ, соопшти прес-службата на преодната влада на Бугарија.

Владата го одобри ставот на Бугарија да учествува на состанокот на Советот за општи работи на 14 декември. Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и Процесот за стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Република Албанија, како и до Рамковниот став за европската перспектива на Република Северна Македонија и Албанија усвоен од Министерскиот совет на 9 октомври 2019 година и поддржан со декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година, ја дополнува информацијата бугарската владина прес-служба.

Во исто време, официјална Софија смета дека Тирана е подготвена да ги започне преговорите за членство со ЕУ.

-Сепак, двете земји во моментов се движат во пакет кон ЕУ. За Бугарија, основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат останува одлучувачки. Бугарија смета дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција, стои во соопштението од бугарската владина прес-служба.

Надежите на официјално Скопје дека новата влада на технократот Кирил Петков, која треба да биде избрана деновиве, би можела да ги помрдне работите.Петков, имено, во интервју за германскиот магазин Шпигел во вторникот оцени дека ќе бидат потребни шестмесечни преговори за да се дојде до решение.

„Треба да формираме работни групи и да им дозволиме да работат шест месеци, за да не бидат само националистите на обете страни тие што ги носат одлуките.“

„Давањето зелено светло за почеток на преговорите сега, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите на обете страни“, рече Петков за Шпигел.

Македонскиот преговарач во спорот со Бугарија смета дека 6 месеци се многу време и голем ризик.

Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, вели Бучковски за Дојче Веле.

Последниот ладен туш дојде од првиот човек на бугарскиот тим историчари Ангел Димитров кој на ден-два пред новата рунда разговори со македонските колеги повторно излезе од рамките на своите надлежности и освен за историските прашања, се впушти и во политичка експертиза. Во телевизиско интервју Димитров даде свој став по прашањето дали Македонија треба да ги почне преговорите со Унијата и ја коментарше изјавата на премиерот Зоран Заев дека сега е најдобро време да се реши македонско-бугарскиот спор.

-Се разбира, Зоран Заев не би можел да каже ништо друго, зашто тој е политичар во оставка. За жал, многу би сакал да кажам дека Македонија е подготвена веднаш да добие сигнал за почнување на преговорите, но не гледам основа да се направи тој чекор напред, вели Ангел Димиторов, претседател на бугарскиот тим историчари.

Макeдонско-бугарските историчари денеска и утре треба да изнајдат начин да направат чекор напред на темата цар Самоил и средновековието, каде пет средби во низа останаа заглавени. Димитров обвинува дека македонската страна ги кочела разговорите и бегала од соочување врз основа на научни факти за периодот од 10 и 11 век.

– Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самоил и неговите наследници. Тие се на еден исклучително лизгав терен, зашто… ова го кажувам најсериозно, нема ниту еден доказ што упатува на постоење македонски народ, македонска држава, а дека Самоил бил македонски цар. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев, вели Димитров. Запрашан за иднината на комисијата, Димитров вели дека колку и да изгледа дека нејзината работа не дава резултати, таа сепак го привлекува вниманието на јавноста во двете земји, бидејќи прашањата за кои расправа ги засега луѓето.

Слични содржини